По среќното и драматично породување во Клиничката болница
Колку што веста за среќното и драматично породување на младата мајка Т.Д. (22), врз која првпат беше применат методот за интраосеална инфузија, или давање инфузија директно преку коскената срцевина, ги израдува вработените во Гинеколошкото одделение и во Службата за ургентна медицина во Битола, тоа што се случи во текот на вчерашниот ден не само што ги растажи туку буквално ги разгневи вработените во болницата.
(Не)среќната мајка Т.Д., која благодарение на д-р Васо Радивоевиќ и гинекологот Гоце Чакаревски на свет донесе женско бебе, кое во знак на благодарност кон докторот по нејзин предлог го доби името Васка, во текот на вчерашниот ден ја напушти болницата и синоќа не само што не се врати на Гинеколошкото одделение туку и ѝ се загуби трагата и засега никој не знае каде е.
Иако вработените во Гинеколошкото одделение очекуваат дека таа пак ќе се врати, како и вториот ден по породувањето, кога излегла наводно само да прошета на чист воздух, сепак од Т.Д. засега нема ни трага ни глас и персоналот на одделението буквално не знае каде се наоѓа таа.
Лекарите збунети и шокирани
Веста дека родилката Т.Д. избегала од Клиничката болница во Битола одекна како вистинска бомба не само меѓу вработените во Одделението за гинекологија и во Службата за ургентна медицина туку и во битолската јавност, која по објавувањето на сторијата во „Битолски весник“ и “Нова Македонија“ се запозна со овој несекојдневен случај.
Сите буквално се шокирани и не знаат како да го коментираат случајот.
– Иако кога ја видов родилката во каква состојба беше пред породувањето и гледајќи ги нејзините доста атрофирани вени на рацете знаев дека се работи за тешка зависничка, која наедно беше инфицирана и од хепатитис Ц, сепак не ни помислив дека таа по среќното породување ќе го остави бебето и ќе избега од болницата. Навистина сум збунет. Каква само радост искажуваше таа утрината кога породувањето успешно заврши и кога го слушна гласот на своето штотуку родено бебе, кое по нејзина иницијатива рече дека ќе го крсти Васка. Сега просто не можам да верувам дека таа без трошка совест и без око да ѝ трепне го остави бебето и исчезна во непознат правец – ни рече по добивањето на веста за нејзиното бегство д-р Васо Радивоевиќ, кој е најзаслужен за нејзиното породување.
Како и д-р Радивоевиќ, исто така, по веста дека Т.Д. избегала од болницата без своето бебе, без зборови остана и гинекологот д-р Гоце Чакаревски, кој ноќта на 5 јануари ги вложи сите напори заедно со другиот персонал, наместо да ја транспортираат родилката Т.Д. во Скопје, нејзиното породување среќно да се заврши во Битола.
– Не знам што да кажам. Навистина не ми се верува. Во мојата долгогодишна лекарска кариера сум видел многу случаи. Не ми е првпат ни откако ќе породиме некоја родилка, таа без да ни каже да ја напушти болницата и да ни го остави своето новороденче, ние да се грижиме за него. Но овој пат, по сето она што го направивме за неа и по успешното ризично породување, кое помина без компликации, навистина не ми е јасно како можеше мајката да го остави своето бебе и буквално да исчезне во непознат правец – вели д-р Чакаревски.
Тој додава дека персоналот практично го довел сопствениот живот во опасност, со оглед дека пациентката била заразена со хепатитис Ц.
(Не)среќна мајка
– Таа на почетокот изгледаше многу радосно, но веќе по два дена почна често да го напушта одделението, велејќи им на лекарите дека оди да прошета на чист воздух. Во еден момент им рекла на моите колеги дека ќе оди да прими метадонска терапија. Кога слушнав за тоа ѝ дадов апаурин да се смири и ѝ реков без знаење на лекарите да не прима никакви терапии. Но, за разлика од првиот пат, кога излезе од болницата и се врати вечерта, завчера таа замина и воопшто повеќе не се врати. Како што ми рекоа од Одделението за неонатологија таа не ни отишла да го види своето новородено бебе. Откако не се врати и вчера, ние ја испишавме од болницата и сега останува надлежните институции, пред сѐ Центарот за социјални работи, да се погрижат за бебето, кое и натаму е на Одделението за неонатологија – вели д-р Чакаревски.
Тоа што најмногу ги загрижува лекарите е што откако Т.Д ја напуштила болницата, не само таа туку и (не)среќниот татко воопшто оттогаш не се јавиле да прашаат што се случува со бебето. Вработените во Гинеколошкото одделение велат дека до бегството на Т.Д. верувале дека нема ништо посилно од мајчинската љубов. Но сега се покажа дека зависноста од дрогата била многу посилна и од таквата љубов.
Што се однесува до бебето, откако ќе закрепне најверојатно ќе биде згрижено во Домот за доенчиња и деца без родители во Битола, каде што веќе домуваат над стотина деца што чекаат посвојување.
Пишува: Менде Младеновски