-Од СДСМ уште еднаш покажуваат дека се замрзнати во минатото, во едно друго време на безредие, на владеење на криминалот и сивата економија, наместо правната држава. Времето на Црвенковски и неговите полициски функционери кога малкумината кои беа блиски до нивната власт, буквално правеа што сакаат, а сите други не смееја да прават ништо- возвратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ повторно покажуваат дека не се способни за европска визија надвор од нивната пост-комунистичка транзициона матрица.
-Ако внимателно ја слушате пишман-пратеничката Силјановска, ќе забележите дека она што го акцентира се зборовите “пари“ и “казни“. Затоа што практикувањето на власта за СДСМ значи пари и казни и тие не можат да замислат дека државата може и поинаку да функционира- истакна на прес-конференција, Игор Хаџиевски, генерален секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ.
За разлика од времето кога владееше СДСМ, сега во државата се спроведува ред и закон и граѓаните тоа го знаат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Исто како што се уште не заборавиле како СДСМ за дневно политички цели и без око да им трепне за последиците, користеа до заби вооружени полицајци и тепаа земјоделци, штедачи, граѓани, а во одредени случаи на полициско практикување на власта на Бранко Црвенковски (како Гостивар и Бит Пазар) имаше и човечки жртви. Во тоа е разликата меѓу полициската држава на СДСМ која ги тепаше и заплашуваше граѓаните и полицијата денес – како граѓански службеници кои ги заштитуваат граѓаните и обезбедуваат спроведување на редот, мирот и законите- истакна Хаџиевски.
Затоа според ВМРО-ДПМНЕ наводната грижа која денес ја покажува СДСМ звучи лицемерно, патетично и неверојатно.
Б.В.