На ракометното игралиште, беше промовиран проектот Урбан ѕид , што е инициран од страна на Агенцијата за млади и спорт, а се реализира во соработка со општина Битола.
Проектот има за цел да ги стимулира младите луѓе, да го искажат својот креативен талент, во делот на цртањето графити, без притоа да оштетат некој јавен објект или јавна површина.
-Многу често цртањето на графити се смета за вандализам, меѓутоа кога постои точно одреден простор за тоа, и кога се испишуваат креативни пораки, со креативна содржина, секогаш тие наидуваат на позитивна реакција кај случајните минувачи, изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Општина Битола за да се реализира овој проект, каде младите луѓе би ја искажале својата креативност, мисла и став, го посочи ѕидот од ракометното игралиште, кој би добил нов лик со цртањето на графитите.
Градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески, истакна дека доколку се појави интерес, доколку тоа земи голем замав, и доколку креацијата е поголема од очекувањата, општината ќе оддели и друг простор, каде што ќе посочат каде младите да ги искажат нивните креативни идеи.