.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Колумни / “Бомбите“ на Заев и смртта на Тамара

“Бомбите“ на Заев и смртта на Тамара

Додека Македонија деновиве ги пребројува(ше) штетите од поплавите, а власта ги очекуваше новите “бомби“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, стигна тажната вест за смртта на малото девојче Тамара од Велес.

Прераната смрт на Тамара и добивањето на решението од Фондот за здравство дека таа може да се лекува во странство неколку дена по нејзината смрт, е најдобра потврда колку кај нас доцнат работите за решавање на вистинските проблеми на граѓаните, кои некогаш значат живот.
Додека најголемиот број граѓани како во обложувалница се обложуваа кој ќе настрада од “бомбите“ на Заев, жртва стана малата Тамара, која не дочека да го добие решението од Фондот за да оди на операција во странство.
Смртта на малата Тамара предизвика поголем револт и бес кај обичните граѓани, отколку “бомбите“ на Заев кај членството на ВМРО-ДПМНЕ.

 
Во директните контактни емисии, или на социјалните мрежи, најголемиот број граѓани со огромна доза револт и гнев ја коментираа нејзината смрт и ги критикуваа министерот за здравство и пр-вите луѓе во Фондот, за нивната негрижа за спасување на малото девојче.

 
Револтот на граѓаните беше уште поголем кога неколку дена по смртта на Тамара, на нејзината домашна адреса стигна решението од Фондот за здравство, со кое се прифаќа барањето на нејзините родители таа да се лекува во странство.

Ваквата (не)ефикасност на Фондот е најдобра потврда каков е здравствениот систем кај нас и колкава е (не)грижата за здравјето на осигурениците.

 
Иако можеби ќе звучи цинично и премногу иронично, но, сепак, во оваа прилика ќе нагласам дека мајката на малата Тамара иако предоцна, имала “среќа“ да го дочека решението на Фондот за лекување во странство.

 
Моето искуство со Фондот е многу полошо. Мој близок роднина, чија сопруга требаше да се лекува во странство, иако е почината подолго од три години, се уште нема добиено одговор на жалбата што ја поднесе до Фондот, со кое го оспори решението на комисијата со кое таа беше одбиена да се лекува во Сремска Каменица.
И покрај сите залагања, врски, интервенции, за жал, не успеавме да добиеме одговор на жалбата со која беше одбиено барањето за лекување во странство.

Иако кај нас долго време се афирмираше политиката на брза и ефикасна администрација и непишаното правило, со кое доколку во рок од 15 дена странката не добие(ше) одговор на кое било барање, тогаш се смета(ше) дека барањето е позитивно решено, сепак кај нас практиката го говори спротивното.
Државната, или јавната администрација кај нас е ефикасна само кога треба да земе од граѓаните. А кога треба да се стави на услуга на граѓаните или да се издвојат средства за нив, тогаш не се избираат ни начини, ни средства постапките, или да се пролонгираат до бескрај, или негативно да се решаваат.

Некако во исто време кога почина малата Тамара, во Основниот суд во Битола беше изречена пресудата за смртта на битолчанецот Јорго Ангеловски, кој во август 2013 година, поради небрижност и негрижа на лекарите, го загуби животот во Клиничката болница во Битола.

 

За смртта на Јорго, освен техничарот З.Д., никој друг не сносеше кривична одговорност и не претрпе последици.

 
Независното битолско судство кај нас пресуди дека за смртта на Јорго Ангеловски е виновен само техничарот З. Д., кој беше обвинет за убиство од небрижност, додека сите останати, кои тој критичен ден беа на смена не сносеа никаква одговорност.

Упатените тврдат дека дел од вработените во Службата за ургентна медицина се извлекле од својата (не)одговорност само благодарение на тоа што имале врски во истражните органи.

 

Тоа што никој друг освен него нема да одговара за смртта на Јорго и што Клиничката болница во Битола, како и во други неколку случаи, за лекарската грешка ќе плати десетици илјади евра отштета, засега никого не го загрижува.

 

Кај нас одамна стана правило човечкиот живот да биде безвреден.

Во последно време сведоци сме како наместо здравствените служби и работници, за здравјето и лекувањето на граѓаните, самите граѓани да се организираат и да бараат чаре како и каде да се лекуваат.

 

Во моментот во Битола се организираат неколку хуманитарни акции за лекување на наши млади сограѓани.

Се собираат разни донации и средства за нивно лекување.

 

Иронијата да биде поголема, тие пациенти не се лекуваат во странство, туку кај нас, во наши приватни клиники, кои не можеле без пари да ги лекуваат пациентите.

Зарем дотаму дојдовме да собираме хуманитарна помош и за лекување на деца во македонски клиники.
Зарем тие болници, кои постојано се повикуваат на Хипократовата заклетва, не можат барем еден, или два пациенти, чии млади животи се во нивни раце да ги излекуваат бесплатно.

Зарем грижата за нивното здравје не може да биде нивна донација во нивното лекување. Може, ама не сакаат. Водени од желбата за профит нив ги интересираат само парите.

 
За тоа време, во државните клиники и во Фондот за здраство се штеди на секој денар, па по цена и да умираат деца како Тамара.

 
На крајот само уште ова. Кај нас одамна не се гине од бомба. Се гине од негрижа. А таа не е само кај “бомбашот“ Заев.

 

Таа е насекаде кај нас, а најмногу во државната администрација, која во моментот е најголема грижа на власта.

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*