Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески во врска транспортот на учениците споменат во вчера објавените разговори меѓу министрите за вантрешни работи и за финансии Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, денеска нагласи дека во целата таа постапка не постои никакво коруптивно работење и не постои криминал, пренесува МИА.
Тој не ги коментира објавените телефонски разговори, но потенцира дека за нив очекува правна разврска.
– Разговорот каде што сум спомнат се однесува на темата училишен превоз и транспорт на ученици, а начинот на кој опозицијата сака да се наметне и да ги дисквалификува функционерите на ВМРО-ДПМНЕ е низок и го допира дното. Заради шпекулации мотивирани од различни причини за јавниот превоз, министерот испрати инспекција за ревизија и притоа се укажа на системски забелешки и препорачки кои ние ги испочитувавме и така продолживме да работиме до ден денес. Во целата таа постапка не постои никакво коруптивно работење за што бевме обвинувани, не постои незаконско работење и не постои криминал. Постои само чиста законска постапка, а за тоа имам потврда од надзорот, појасни Талески.
Градоначалникот на Битола очекува правна разврска и смета дека не треба стопроцентно да се прифатат снимките онакви како што сега се пренесуваат во јавноста.
Инаку, градоначалникот Талески денеска ги прими најдобрите средношколци од гимназијата „Јосип Броз Тито“ кои на државниот натпревар за скијање, во категоријата велеслалом што се одржа во Маврово, освоија по еден златен, сребрен и бронзен медал.
На државното првенство за средношколци Лидија Симјановска освои прво место во категоријата прва и втора година средно образование, Дамјан Неделковски го освои второто, а Александра Цветковска освои трето место и бронзен медал.
– Нашите гимназијалци освен што се најдобри во државата за учење, туку меѓу нив имаме и одлични спортисти скијачи кои ги освоија највисоките признанија на државниот натпревар во Маврово, истакна битолскиот градоначалник Владимир Талески.
Тој најави дека на „Копанки“ на Пелистер се изработуваат комплекс проекти за легализирање на опожарениот планинарски дом „Копанки“ за што барање е поднесено од страна на планинарскиот спортски клуб „Пелистер“, а по завршување на постапката и негова реконструкција.
Извор: МИА