Денеска, кога читателите ќе го имаат овој број во своите раце, Битолски весник ќе го одбележи својот редок јубилеј, 51 година од излегувањето на првиот број и ќе навлезе во испишувањето на 52. година. Пред точно 51 година, точно на 29 април 1964 година, во предвечерјето на прославата на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
Пред точно 51 година, група ентузијасти и вљубеници во пишуваниот збор, на 29 април 1964 година, го издадоа првиот број на Битолски весник. Точно на 29 април, минатата 2014 година, Битолски весник скромно, но со низа манифестации, го одбележа својот златен јубилеј, 50 години од излегувањето на првиот број. По повод јубилејот 50 години на Битолски весник примивме бројни пофалби, честитки, признанија, награди.
Без лажна скромност, минатата 2014 година помина во знакот на Битолски весник, а круна на сите признанија за придонесот на Весникот во (ис)пишувањето на историјата на Битола, беше Четвртоноемвриската награда на Советот на Општината, како и признанието на ЗНМ.
Искрен да бидам, по сите честитки и пофалби кои ги добивме минатата година, како и желби за нови успеси, ние последните мохиканци, кои сега ги полниме страниците на Битолски весник, со многу ентузијазам и оптимизам зачекоривме во оваа 51. година на Битолски весник.
Но, уште на стартот на годината се соочивме со целата суровост и неизвеност која не следи сите овие години, а особено во последно време. Вадејќи се на тешките услови за работа, како и на нивните, наводни, преземени мерки за економично работење, некои т.н. големи директори и раководители, преку ноќ ги сведоа своите спонзорства и реклами за Битолски весник на смешни и симболични суми.
Навикнати на такви старо-нови игри, сиот овој период се обидувавме да ги разубедиме таквите големи “стопанственици“ дека трошокот за Битолски весник го оптоварува нивното (не)работење колку што трошат пари за кафе на Широк сокак. Но, за жал, сето тоа беше залудно.
Но, како што залудни беа нашите обиди да ги разувериме нив, исто така, залудни беа и нивните обиди да не разуверат нас, дека мораат да “штедат“ и дека немаат пари за таков луксуз да (се)рекламираат во Битолски весник, или да им купуваат весници на вработените.
И тогаш, кога по големиот јубилеј се соочивме со таквите драстично намалување и откази на договори и “спонзорства“ често пати сум се прашувал кому му беше потешко, дали на генерацијата ентузијасти-новинари, кои во далечната 1964 година влегоа во проектот за издавање на Битолски весник, или пак сега нас, 51 година подоцна.
Искрен да бидам, не знам. Јас тогаш во 1964 година имав само 9 години и иако бев задоен на весник не читав весници. Но од тоа што подоцна го дознав, а со моето ра-ботење во изминатите 35 години во Битолски весник го осознав, мислам дека доколку тогашната генерација новинари и првиот главен уредник на Весникот, Владо Ласковски ги имаа проблемите со кои сега ние се соочуваме не само што немаше да се зафатат со издавање на Весникот, туку ќе се откажеа дури веднаш по излегувањето на првиот број.
И веднаш да кажам, иако имав прилика и јас да почувствувам колку беше убаво да се биде новинар на Битолски весник во тие години на т.н. социјализам, не плачам за тој период. Напротив, лично сметам дека никогаш јас немаше да бидам прв човек на Битолски весник, доколку тие времиња продолжеа.
Мојата шанса дојде токму тогаш кога и ССРНМ и сите други се откажаа од Битолски весник и кога Весникот беше оставен сам да се бори на пазарот.
Иако би ми било убаво, па по цена да не прогласат за “владин“ весник кога сите трошоци за Весникот, како тогаш би ни ги покривала државата или општината, а наша задача би била само да пишуваме. Но, знам дека тие времиња се одамна зад нас.
И ниту јас ниту кој било од нас кои денес го подготвуваме Весникот плачиме за тој период. Таквата среќа да уживаат во бесплатното печатење на Весникот ја имаа некои други генерации новинари, од кои денеска многумина уживаат во пензионерските денови.
Тоа што особено тешко ми паѓа во последно време е што некои млади директорчиња, или (партиски) раководни кадри, не “учат“ како да работиме пазарно и на економски услови за да сме опстанеле. Таквата нивна “поука“, во најмала рака, не само што не е педагошка, туку е безобразно дрска.
Луѓе кои, единствено што научиле да живеат на државна “цицка“ не учат нас, од Битолски весник да работиме по пазарни принципи. Притоа намерно, или не, забораваат дека ние сите изминати над 25 години впрочем така работиме и како резултат на таквото пазарно работење Битолски весник е единствениот локален печатен медиум кој ја преживеа транзицијата.
За Битолски весник, некои велат дека е најдобриот и најпедантниот хроничар во градот, кој секоја среда пишува за се што се случува во Битола. Некои велат дека тоа е битолскиот пиреј, други тврдат дека е колективна меморија на Битола, а трети дека е најдобриот сведок за се што се случува во градот. Но, јас велам дека Битолски весник е вистински херој на Битола. Таков и ќе остане. А на сите душегрижници, би им порачал џабе се надеваат дека тие или со поддршка на некои други ќе ни запалат свеќа.
На Битолски весник додека сме ние кои сега го правиме Весникот, ќе му се палат само роденденски свеќи за нови слави и јубилеи, но, за жал, на таквите прослави многумина од нив нема да ги има, бидејќи секогаш ќе бидат таму каде што им е местото на буништето на историјата.
Менде Младеновски