Home / Култура / Утре ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот

Утре ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот

Утревечер, по повод светскиот ден на џезот, во Битола настапува Гоце Мицанов, легендарниот саксофонист со извонредно богата музичка кариера, кој меѓу другото бил долгогодишен член на најпознатиот македонски бенд Леб и Сол, во групата Парамециум и член на Биг Бендот на МРТ.

Тој е можеби едниствениот македонски музичар кој има настапувано заедно со светската музичка и џез легенда Реј Чарлс.

Со концертот на Мицанов, Поповски, Јосифовски и Стевковски квартет во Битола ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот 30 април.

Настанот е во организација на УНЕСКО младински клуб на МКЦ – Битола во соработка со “Порта Џез“, со што Битола по трет пат се вклучува во оваа глобална акција. Концертот ќе се одржи во четврток 30 април 2015 г. во “Порта Џез“ во Битола, со почеток во 21.30 часот, при што влезот е слободен за сите љубители на добрата музика.

Дел од бендот е и Сашо Поповски, м-р по поп и џез гитара, професор на Универзитетот Гоце Делчев – Штип по историја на џезот, кој има настапувано на преку дваесетина фестивали во земјата и странство и активно работи на пренесување на знаење и преку неформално образование на младите за џез музиката во програмите ,,Џез фабрика,,.

Во рамките на бендот настапуваат и Оливер Јосифовски – контрабас инаку познат и како лидер на македонската група Љубојна и Гоце Стевковски – тапани кој неодамна го промовираше неговиот прв самостоен албум „7 приказни”, а бил дел и од многу наши познати бендови како Бодан Арсовски Езгија Бенд, Архангел, Леб и сол, Проект Жлуст, ДНО и други бројни џез проекти.

Бендот, на настапот во Битола, ќе изведе авторски џез композиции на Мицанов и на Поповски како и модерни џез стандарди, со што публиката ќе има можност да проследи една концертна промоција во живо на она што се нарекува модерна тенденција во современиот џез.

По повод светскиот ден на џезот се организираат концерти во преку 100 земји во светот.

 

Овој ден ги сплотува нациите и општествата прославувајќи ја уметноста на џезот, потенцирајќи ја неговата важна улога во охрабрувањето на дијалогот меѓу културите и цивилизациите, промовирајќи го човековото достоинство.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*