Don't Miss
Home / Култура / Младите ликовни таленти ја оживеаја архитектурата на Битола, Охрид и на Крушево

Младите ликовни таленти ја оживеаја архитектурата на Битола, Охрид и на Крушево

Во Старата битолска чаршија повторно се слуша детскиот џагор на младите ликовни таленти од целиот свет, кои овие денови зборуваат единствено со јазикот на четката и бојатa.

 

Битола како ликовно ателје

 

Деновиве Битола повторно личи на едно големо ликовно ателје. Веќе 34. пат се организира „Малиот битолски Монмартр“. Дури на три локации во градот се отворени ликовни изложби, на кои се поместени творби на учесниците на конкурсот за годинашната ликовна колонија, а во Старата битолска чаршија повторно се слуша детскиот џагор на младите ликовни таленти од целиот свет, кои овие денови зборуваат единствено со јазикот на четката и бојата. Уште од раните утрински часови ликовните таленти од Кина, Малезија, Русија, Индија, Босна, Србија и други земји се загледани во старите и дотраени куќи, со своите штафелаи и детски блокови се движат низ Битола, барајќи подобро место од каде што ќе ги сликаат своите цртежи.

Околу 80 млади ликовни таленти

Околу 80 млади ликовни таленти од 15 земји во светот со својата детска имагинација и ликовна надареност неколку дена ќе ја оживуваат старата архитектура на Битола, Охрид и на Крушево. Честа повторно да го отвори „Малиот битолски Монмартр“, како и минатата година, ја имаше малиот талент од Хонгконг, Лау Кинг Џи, кој веќе е вистински љубимец на битолчани.
Чинот на отворањето, со традиционалниот огномет, на најдобар начин покажа колку љубов има на овој фестивал на детското ликовно творештво и какви се чувствата кај учесниците на фестивалот, како на оние што веќе неколку години доаѓаат во Битола така и на младите ликовни таленти што првпат се во градот под Пелистер.
Минатата година, три дена пред отворањето на фестивалот, детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ го зафати голем пожар и изгоре значителен дел од студиото, во кое имаше збирка од над 60.000 детски ликовни творби. Но шест родители од Хонгконг, Кина, кои ги придружуваа своите деца со свои средства го реновираа студиото, па сега тоа повторно блеска со сиот сјај.

Најмногу уметници од ХонгКонг

Годинава најбројна е екипата од Хонгконг, Кина, дури 30, од кои 15 се млади ликовни уметници, а преостанатите се нивни родители што ги придружуваат во Битола. Меѓу нив се и тие што со свои средства учествуваа во реновирањето и обновата на студиото.
– На „Малиот битолски Монмартр“ учествуваме веќе 10 години. Кога првпат дојдовме во Битола и видовме за каква ликовна колонија се работи, одлучивме и ние во Хонгконг да организираме иста манифестација. Благодарение на нашиот голем пријател Коста Хаџиантоновски, раководителот на студиото „Кирил и Методиј“, веќе неколку години ваков празник на младите ликовни таленти се одржува и кај нас во Хонгконг. Се надевам дека многу учесници што сега сликаат во Битола ќе учествуваат и на нашиот фестивал – рече Хенри Лау од Хонгконг.
Инаку, годинашен добитник на највисокото признание на „Малиот битолски Монмартр“ се младите ликовни творци од Малезија. За разлика од нивните врсници од Хонгконг, кои десет години учествуваат на колонијата, учесниците од Малезија годинава првпат се на „Малиот битолски Монмартр“.
– Во Битола сме првпат. Воодушевени сме од организацијата на оваа манифестација. Градот е прекрасен и навистина ги инспирира децата да создаваат прекрасни дела – велат Џамајда и Пејтан, ликовни педагози од Малезија.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*