Интернационалниот фестивал на монодрама „Битола 2016“ почна со претставата „Животот е прекрасен“ која во чест на учесниците и гостите на фестивалот ја изведоа актерите на Македонскиот народен театар.
Фестивалот за отворен го прогласија директорот на Центарот за култура-Битола Борче Димитровски, кој истакна дека уметноста секогаш победува, и членот на меѓународното стручно жири Иван Лео Лемо од Хрватска, кој посочи дека монодрамите се есенцијален театар.
– Монодрамите се есенцијален театар и тие се најблиски до самите почетоци на театарот, на моментите кога човек на човек нешто зборувал, раскажувал. Фасцинантно е што се може да се каже за еден час колку што обично трае една монодрама, но тоа е и дополнително тешко за да еден актер да успее да ја задржи својата и концентрацијата на публиката, истакна хрватскиот режисер Лемо, лански победник на фестивалот во Битола.
На првиот натпреварувачки ден на фестивалот ќе бидат изведени три монодрами: „Ќе има (ли) војна?“ во која настапува македонската актерка Ивана Атанасова, веднаш потоа ќе настапи Мирјана Вукојчиќ од Србија со монодрамата „Марија Лебјаткина“, а првата фестивалска вечер ќе ја заокружи актерот Димитри Орготска од Албанија со монодрамата „Амок“.
Б.В.
Фото: С.Ристевски