Генерацијата матуранти од Гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Битола, деновиве, оваа година прослави редок јубилеј, 60 години од матурата.
Таа е среќна генерација којашто прва го започна своето основно образование на мајчиниот, ма-кедонски јазик.
Многубројната генерација од беше составена од четири класови со 140 ученици, но, за жал, многу од нив не се меѓу живите, а некои од живите не дојдоа на средбата пради разни причини.
Класниот час го одржа единствениот жив професор Томе Коцевски.
Тој и покрај своите 93 години, витален и со здрав разум се сеќаваше на на имињата на многумина од матурантите, се редеа сеќавања за најубавите години од младоста поминати во средношколските клупи и тие продолжија да оживуваат и на генерацискиот ручек во ресторанот “Милениум“ на Широк сокак.
Од редовите на оваа силна генерација, со полагање на најтешкиот матурски испит, со понатамошно студирање се оформија солидни кадри од најразлични професии: лекари, архитекти, правници, професори, инженери како и помал број службеници.
Но, оваа генерација даде и член на МАНУ, Томе Бошевски и двајца писатели, Петар Т. Бошковски и Петре М. Андреевски.
Сите овие кадри се покажаа на своите работни места успешни академски граѓани, а никој не западна во криминал или корупција.
Во текот на изминатите години многупати се среќавааа на матурски средби, па како и тогаш и овој пат ја изразија нивната другарска љубов со срдечни прегратки, ведри насмевки и заедничка тага по одминатата младост.
На разделбата си посакаа добро здравје во натамошните години и се договорија да се среќаваат секоја наредна година во последната сабота од мај, во Битола на Широк сокак, пред хотелот “Милениум“.
Браво генерацијо, не се давај!