Полициски службеници, претставници на јавното обвинителство, судиите од Граѓанскиот суд и Судот за малолетници, како и локални граѓански организации, деновиве, во Битола учествуваа на јавна дискусија и презентација на Водич за полициските службеници за зајакнување на вештините за интервјуирање и прибирање докази при случаи на семејно насилство.
Според словенечкиот експерт Александер Кребл проектот што е финансиран од фондовите на ИПА е во функција на јакнење на капацитетите на Бирото за јавна безбедност.
– Во првата година од проектот изработивме стратегија за Бирото за јавна безбедност и на тој начин прв пат македонската полиција доби важен документ- стратегија која ја презентиравме годинава во февруари во Скопје. Во 2016 година се предвидени обуки и притоа идентификувавме недостатоци за секојдневното полициско работење и на барање на Бирото за безбедност се фокусиравме на семејното насилство. Водицот е концизен и дава јасни, децидни насоки што треба да се прави во одредена ситуација, посочи Кребл.
Се организираа тренинзи за подобра употреба на водичот односно како да се комуницира со сите што се учесници во некакво семејно насилство.
-Благодарение на македонското МВР во тренинзите вклучивме 32 полициски службеници од цела држава кои дознаа како и кои техники треба да се применуваат. Во обуките применивме словенечки и хрватски искуства, а тука извршивме адаптација на македонските потреби- истакна Барбара Лапајне Предин, тренер за трансформативни комуникации.
Проектот „Понатамошна институционална надградба и градење на капацитетите на полицијата во областа на граничното управување, работата на полицијата со заедницата и борбата против организираниот криминал” обезбедува стратешка поддршка на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност.
Б.В.