Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска оцени дека првичните неофицијални резултати за парламентарните избори на Државната изборна комисија (ДИК) покажуваат неизвесност околу бројот на добиени пратенички мандати.
– Мал број гласови се одлучувачки за бројот на мандати во неколку изборни единици. Волјата на граѓаните за живот, за правда, за слобода е реализирана во услови на бројни нерегуларности и притисоци во предизборниот и во изборниот период. Ваквите проблеми коишто имаат влијаните врз конечкиот исход од изборите, се констатирани и од набљудувачите на изборниот процес, се вели во соопштението.
Првичните резултати, смета СДСМ, потврдиле дека власта е поразена и оти граѓаните сакаат живот во Македонија и избрале промени.
– До прогласувањето на конечните резултати од ДИК едно е кристално јасно. Времето на политичари како Никола Груевски заврши. Граѓаните си ја враќаат државата во свои раце. Во Македонија промените се случуваат, се наведува во соопштението од СДСМ.