Најавите за вложувања од страна на Агенцијата за спорт и млади и формирањето на новата балканска боксерска лига беше повод за формирање на нови боксерски клубови.
И Битола не остана имуна на овие нови боксерски трендови, па така, во нашиот град, покрај Пелистер, деновиве се формираа и клубовите Арена БТ и Битола.
Од новоформираниот Боксерски клуб Битола истакнуваат дека сакаат да ја продолжат големата боксерска традиција на Битола и додаваат:
-Ние кои сме сега иницијатори за формирање на Боксерскиот клуб Битола сме пред се големи вљубеници во оваа благородна вештина, но, поради состојбите во кои се најде боксот во изминатите десетина и повеќе години, не бевме во можност да тренираме и да се натпреваруваме. Сега сакаме тоа да им го дадеме на младите кои го сакаат боксот и да се вклучат во новиот начин на боксерски натпреварувања, а кои се надевам дека ќе постигнуваат успеси на кои сите ќе се радуваме. Што се однесува пак до условите кои ќе ги имаат нашите боксери, мислам дека ќе бидат одлични во салата која ја дотеруваме и дека ќе можат да учат од најдобрите боксерски работници од Битола. Пред се сакам да го споменам познатиот битолски боксерски тренер Живко Божиновски, ни рече претседателот на новиот Боксерски клуб Битола, Љупчо Тодоровски.
Сашо Ристевски