Don't Miss
Home / Култура / Отворена изложба од Траиковски во Белград

Отворена изложба од Траиковски во Белград

Деновиве, во Белград, во Галеријата” Куќа Легата” која е лоцирана на главната улица во Белград (Кнез Михајлова бр.46) свечено беше отворена изложба на слики од Борислав Траиковски (1917-1996) која се организираше по повод 100 години од неговото раѓање.

Делата беа прикажани во 5 сали во вкупна површина од 305м2.

На изложбата беа изложени 40 дела во техника јаглена на хартија, масло на платно и монолитографии создавани во периодот од 1936 до 1993 година.

На свеченото отворање пред многубројната публика свое обраќање имаше директорот на Галеријата г.Филип Брусиќ Ренауд, кој истакна дека Борислав Траиковски се вбројува како еден од доајените на македонското современо сликарство, кој со својата индивидуалност припаѓа на современиот експресионистички израз. Познат на српската јавност е како прв македонец кој диопломирал на академијата за ликовна уметност во Белград по ослободувањето во 1951г. како и како личност кој целиот свој живот бил поврзан со Битола.  Во оваа прилика ја цитираше и неговата изјава.

„Доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!”

Изложбата ја отвори нејзиното кралевско височество Јелисавета Караџорџевиќ, која истакна дека како вљубеник во сликарството и сликар за прв пат се запознала со делата на Траиковски при нејзината посета во Битола минатата година. Истите и оставиле силен впечаток и и побудиле желба да бидат презентирани пред љубителите на уметноста во Белград. За неа  Траиковски е голем сликар со чие творештво треба да се гордее Македонија.

Изложбата е организирана од страна на НУ “Куќа на легатите” Белград и семејството Главинче

 

Инаку, во рамки на програмата за одбележување на 100 годишнината од раѓањето на Борислав Траиковски во соработка со повеќе институции, оваа година планирано е поставување на спомен плоча на објектот на неговото атеље во Бистрица, издавање на монографија, изложба во Битола и Штип, како и отварање на спомен атеље во рамки на НУ Завод и Музеј Битола

Борислав Траиковски е еден од најмаркантните современи македонски сликари кој се јавува во почетокот на 50-тите години од минатиот век како експресионист и сликар кој негува слобода во изразувањето. Карактеристичен е по уникатниот колорит и експресивниот израз, црната контура, неговата приврзаност за Битола и посебната љубов кон сликарството. Тој е роден на 15 јуни 1917 година во Битола. Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година ги прекина студиите и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947г., работеше како наставник во училиштата во Битола. Во 1951г., Траиковски заврши Ликовна академија во Белград. Според податоци добиени од Факултетот за ликовни уметности во Белград, тој е првиот македнски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на Академијата за ликовни уметности. За време на студиите на Траиковски му предавале секоја година различен професор (Ѓорѓе АндреевиќКун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ) заради што имал конфликт со нив, негувајќи свој слободен израз различен од нивните барања. По 1951г., тој се вратил во Скопје каде бил назначен за асистент на Архитектонскиот факултет по сликарство. Само по неколку денови престој во Скопје се вратил во Битола и изјавил „Доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!” Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) бил примен 1952г., а во 1951г., бил одбиено неговото барање за членство. Како член на ДЛУМ бил на студиско патување во Италија (1954). Во 1961г., добил стипендија од фондот Моша Пијаде# и бил на едногодишен престој во Париз. По неговото враќање во Битола, бил вработен како професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци”, а подоцна и во Педагошката академија во Битола. Траиковски е еден од најизразитите претставници на повоените македонски современи сликари, изразит експресионист, мајстор на бојата, доајен на битолското сликарство, прв претседател и еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначаните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски). Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело (1980г.), Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември – награда на Општина Битола и многу други. Траиковски е пионер во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училипта, на тој начин доближувајќи ја ликовната уметност до народот. Негови дела се наоѓаат скоро во сите музеи во Македонија, застапен е во Националната колекција на РМ, и постојаната поставка на Музејот на соверемена уметност Скопје, во повеќе музеи во Европа и во бројни приватни колекции и збирки. Во 1995г. по иницијатива и сценарио на акад.Глигор Чемерски беше снимена документарна емисија на МТВ со наслов Насмевката на сликарот#. Почина во Битола на 11 октомври 1996г.

Во 2002 година во организација на Друштвото за наука и уметност, сега Македонското научно друштво, НУ Завод и Музеј Битола, Друштвото на ликовните уметници Битола и Домот на културата Битола, беше организиран научен симпозиум на тема Борислав Траиковскиживот и творештво”, а во 2003г. во Чифте амам беше организрана ретроспектива изложба и беше издаден каталог со текст на Лилјана Христова, историчар на уметност. Од 2006г., во Битола, во негова чест е воведена наградата Борислав Траиковски# која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ по повод денот на градот. Во постојаната поставка на Музејот во Битола е изложен еден дел од неговото ателје и дел од неговите дела, а во план е изградба на спомен атеље „Борислав Траиковски”. Во 2010г. во издание на галеријата Град – Скопје, излезе од печат книгата „Наследството од сликарот” од неговиот внук Никола Главинче.

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*