На претстојните предвремени парламентарни избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 25,8 отсто, а за СДСМ 16,7 отсто од граѓаните, покажуваат резултатите од анкетата на „Брима Галуп” спроведена на барање на неделникот „Република” во периодот од 11 до 17 ноември при што биле анкетирани 1.006 испитаници на возраст над 18 години.
Прашани ако учествуваат сите партии за која партија би гласале доколку следната недела се одржат нови парламентарни избори, за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 25,8 отсто од испитаниците, а за СДСМ 16,7 отсто.
Како неодлучни се изјасниле 14,1 отсто, без одговор биле 11,5 отсто од испитаниците, а 7,3 отсто рекле дека нема да гласаат, а 4,5 отсто рекле не знаат. Бројките во однос на поддршката издвоена само кај македонското гласачко тело покажуваат 35,9 отсто за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 отсто за СДСМ.
На прашањето, пак во кој политичар во Македонија имате најголема доверба, 28,6 отсто се изјасниле за Груевски, 13,1 отсто за Зоран Заев, а 43,5 отсто од анкетираните не се изјасниле за ниту еден политичар.
Најголем приоритет за граѓаните според анкетата е животниот стандард – 30,3 отсто, вработувањето – 22 отсто, и зголемување на личниот доход – 20,9 отсто.
Најдобро решение за проблемот со животниот стандард, според 26 осто од испитаниците нуди ВМРО-ДПМНЕ, а 16,8 отсто сметаат дека тоа е СДСМ.
На прашањето која политичка партија е поактивна во вашата средина за да ја добие вашата поддршка за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 33 отсто испитаници, а за СДСМ, 15,2 отсто. Само кај македеонските испитаници за ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 45,5 отсто, а за СДСМ 19,8 отсто анкетирани.
Анкетирањето е спроведено со метод анкета лице в лице, во домот на анкетираниот.
Се анкетира само едно лице во семејство кое е избрано случајно во рамките на семејството лицето кое има прв следен роденден.