По 10 години, откако Битола почна да го организира Битолското културно лето “Битфест“, ова лето се чини дека во Битола за првпат нема да се организира фестивалот на културата, забавата и творештвото.
Иако засега се уште нема официјална потврда за тоа, но, како што стојат работите, се чини дека речиси е сигурно дека битолчани оваа година ќе останат без својот битолски фестивал “Битфест“.
Љубителите на културата и уметноста во Битола ова лето за првпат ќе мора да се помират со реалноста дека во градот нема да се организира Битолско културно лето “Битфест“, а доколку сакаат да проследат некои културни настани, треба да одат во соседните општини и градови: Новаци, Могила, Прилеп, Демир Хисар, Ресен.
Додека во државата последните години речиси секое село, организира културно лето, Битола, градот на културата, за каков што со децении се декларира, остана без културно лето.
Во изминатите неколку години, откако, пред 10 години, градоначалникот Владимир Талески ја промовира својата идеја и иницијатива Битола да формира свој фестивал “Битфест“, битолчани се гордеаја со овој фестивал.
Се до минатото лето, кога се одржа јубилејното десетто издание на “Битфест“, овој фестивал беше промовиран како еден и единствен, не само по квалитетот, туку и по бројот на културните настани, кои во некои денови ги имаше дури по 5 во една вечер.
За “Битфест“, се до неодамна, се говореше дека е единствен и уникатен, затоа што тој ги обеди-нува(ше) сите останати други фестивали кои се одржуваа во Битола, националните културни институции во градот, а ги промовираше и големиот број познати и непознати културни работници и творци како од Битола, така и од странство.
Се до годинава, за “Битфест“ се говореше и пишуваше дека со овој фестивал Битола го има најдолгото, најсодржајното и најквалитетното културно лето во државата, кое покрај тоа што многу придонесува за афирмација на културното богатство и наследство, во голема мера влијае и за зголемувањето на бројот на туристите во Битола.
Иако од Општината Битола, барем до пишувањето на текстот, нема(ше) никаква официјална информација дали годинава “Битфест“ ќе се одржи, па макар и во скратена верзија, или пак по 10 години му дојде крајот, сепак се чини дека куќниот притвор на градоначалникот Талески го затвори “Битфест“.
Затворањето на “Битфест“ отвора многу прашања.
Иако по притворот на Талески многумина очекуваа дека годинашното културно лето, нема да биде како во претходните години, сепак, никој, па ни најголемите песимисти, не можеа да помислат дека Битола, градот на културата, ќе остане без културно лето.
Имајќи разбирање за состојбата во која се најде градоначалникот на Битола, Владимир Талески, по решението на Кривичниот совет да ја прифати жалбата на Основниот суд Скопје 1 и на Талески да му одреди куќен притвор во траење од 30 дена, сепак никако не може да се најде оправдување за неодржувањето на “Битфест“.
Прекинувањето на која било манифестација, која имала континуитет од 10 години, па во таа смисла и фестивалот “Битфест“ не смее(ше) да се случи, не само заради почитта кон граѓаните на Битола кои во изминатите 10 години, а и пред тоа, беа едноставно “разгалени“ со одржување бројни културни настани во екот на летото, туку и поради бројните автори, културни работници, творци, уметници, кои се пријавија на Конкурсот што го распиша Општината Битола за годинашното издание на “Битфест“.
Ако градоначалникот Талески беше (е) во домашен притвор, на слобода беа и се луѓето од Секторот за култура, кои професионално се вработени во локалната самоуправа и за тоа земаат добри плати.
Со или без градоначалникот Талески, тие треба(ше) да се погрижат, па макар и во скусена верзија, да го организираат годинашниот “Битфест“, уште повеќе што со донесувањето на буџетот за 2016 година беа обезбедени средства за одржување на Битолското културно лето.
Вака, како што стојат работите, се добива впечаток дека со затворањето на Талески се затвори и “Битфест“ и дека без Талески тие едноставно не се во состојба да го организираат фестивалот.
Доколку пак тие без Талески не се во состојба да го организираат Битолското културно лето, треба(ше) да имаат доблест да им соопштат на граѓаните на Битола дека ова лето нема да се одржи “Битфест“.
Покрај за битолчани тие мораа(т) да најдат и време и начин да ги информираат и творците кои со проекти конкурираа за годинашниот фестивал.
Ако затворањето на Талески го “затвори“ “Битфест“, тогаш сосема логично се поставува прашањето дали тоа не значи дека и другите културни манифестации ќе зависат од тоа дали Талески ќе биде на слобода, или не, и дали тие зависат исклучиво од првиот човек на градот.
Доколку тоа е така, тогаш во наредниот период додека не заврши судскиот процес “Транспортер“, можеме да очекуваме дека ќе бидат затворени или одложени и други манифестации, а не дај боже и некои инфраструктурни проекти.
Во таков случај се поставува прашањето што работат и зошто се платени бројните служби во локалната самоуправа.
Автор: Менде Младеновски