Home / Политика / Битола доби своја шпионска паркинг-афера

Битола доби своја шпионска паркинг-афера

Само неколку дена откако во Основниот суд Скопје 2,  беа изречени првостепените пресуди во аферата „Шпион”, и Битола доби своја шпионска афера, во која не требаше истражните органи или локалната власт во Битола да преземаат никакви истражни мерки за да ги пронајдат „шпионите”, туку тие сами се легитимираа пред јавноста.

Имено, на последната седница на Советот на општината Битола, кога советниците на опозицијата добија шанса да поставуваат советнички прашања, советникот на НСДП, Благојче Котевски, презентирајќи неколку фотографии го запраша градоначалникот Владимир Талески каде го паркира своето приватно возило.

Тој истакна и дека наводно Талески за да избегне плаќање паркинг паркирал непрописно на места каде што наводно не се плаќало паркинг.

На таквите обвинувања Талески возврати дека ова не е првпат опозицијата да го следи и дека, покрај него, опозицијата ги следи и членовите на неговото потесно семејство.

Според Талески, папараците на СДСМ станале толку многу активни што почнале постојано да го следат и да го фотографираат на секој чекор. Во изминатите години против него опозицијата „архивирала” (по)дебело досие за да го дискредитира.

Иако сето тоа во изминатите години се покажало дека е залудно и дека не им носи резултати, тие продолжиле со таквата тактика, смета Талески.
– По сѐ изгледа дека петте илјади тима што ги најави опозицијата за наводни средби со граѓаните се тимови што имаат задача да ја следат власта. Во Битола тие тимови не само што ме следат мене и мојот фејсбук-профил туку и моето семејство. Се вадат фотографии од приватната архива на моите деца, за да ме искомпромитираат, но се покажа дека сѐ им било залудно и дека граѓаните воопшто не им веруваат на таквите игри – нагласува Талески.
На ваквите реакции на градоначалникот опозицијата вели дека тој како јавна личност треба да биде пример во градот и треба да ги почитува прописите и законите, па кога станува збор и за паркирањето, зашто ако нему ме е скапо паркирањето, што да кажат обичните граѓани.
Откривањето на шпионската афера во Битола уште еднаш на површина ги извади сите валкани работи со кои се служат политичките противници во меѓусебната пресметка.
Пред извесно време опозицијата во Битола против Талески презентира „документи” дека тој наводно поседувал пет стана, од кои два на улицата Бонде Скерлевски. Иако Талески тогаш ја повика опозицијата, како и сите битолски новинари да дојдат на улицата Бонде Скерлевски и да му објаснат кој е другиот стан освен станот во кој живее, сепак никој не дојде.
Претходно Талески беше обвинуван дека наводно ја купил наградата во Лондон, а ни самиот не може да се сети на тоа колку имало шпекулации во битолската јавност за продажбата на фудбалскиот клуб Пелистер.

Инаку Битола е позната како град во кој чаршијата сѐ знае и сѐ следи. Ниедно пиење кафе на Широк сокак не може да помине без да се прераскажат голем број наводни вистини и каде шпекулациите најбрзо стануваат вистини.
И додека за обичните граѓани може во извесна смисла да се најде оправдување за ваквите шпионажи навистина е несфатливо, во ситуација кога во Битола има толку многу сериозни прашања за дебата, политичарите да се занимаваат со такви банални работи и да изигруваат папараци.
Но не за џабе рекле дека во политиката сѐ е дозволено и дека во настојувањето да се елиминира политичкиот противник не се избираат средства.

 

М.Младеновски

One comment

  1. So stori branenje? Demek ne e kriv toj so se parkira tuku toj so go slikal? Izvrteni tezi do nemajkade i do besvest. Ne go ocekuvav ova od Bitolski vesnik.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*