Don't Miss
Home / Uncategorized / Битола град на среќни и безгрижни луѓe

Битола град на среќни и безгрижни луѓe

Денеска во општинските простории официјално беше промовиран  кандидатот за градоначалник на Битола, од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски и кандидатите за советници од оваа партија за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври.

Илиоски на почетокот од неговото излагање , изборите ги посочи како едни од најважните избори во историјата на независна Македонија.

-Локалните избори се избори на кои прво ќе гласате за себе, своето семејство, својот двор, својата улица, соседството и визијата за иднината на    вашето најблиско опкружување и нашата Битола , но истовремено и за иднината на нашата држава Република Македнија која се соочува со најголемите предизвици во својата понова, независна историја.

На почетокот на оваа предизборна кампања, за која  сите кандидати се обврзавме дека ќе вложиме максимални напори да бидат фер и демократски, како што му доликува на еден град со висок демократски капацитет и докажана европска гласачка култура, сакам кратко да ја изложам мојата визија за Битола- истакна на промоцијата, Зоран Илиоски, кандидат за градоначалник на Битола од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Илиоски истакна дека Битола ја гледа како град на млади луѓе кои се убедени дека токму овде ќе најдат просперитетна иднина и потврда на своето образование, стручност и квалитет.

Град кој ќе создава услови за нови работни места и ќе се развива потпирајќи се на потенцијалот на своите млади сограѓани.

-Битола заслужува да биде град со сите урбани обележја во кој жителите нема да се грижат за банални проблеми, кал и дупки на улиците, чиста и безбедна вода за пиење, соодветно депониран смет и високи санитеско хигиенски услови. Битола заслужува да биде образовен и културен центар со висок углед во академските и културните кругови – расадник на ценети и почитувани авторитети во сите области, не само во Македонија туку и во светот.

Широк Сокак заслужува да биде посакувана и примамлива дестинација на патници и туристи на кои треба да им покаже што имала, што сочувала. Битола мора да биде град на сите – на мажите и жените подеднакво, на Македонците, Турците, Власите, Ромите, Албанците, Србите, Бошњаците … на граѓаните од градот и граѓаните од селата, на ранливите категории, на лицата со посебни потреби, на пензионерите, на спортистите, на навивачите … град со еднакви шанси и грижа за сите.

Но пред сите нив, Битола мора да биде град на среќни, безгрижни и безбедни деца со убави градинки, училишта, паркови, спортски игралишта и терени. Битолчани мора да живеат во здрава и безбедна животна средина, квалитетен воздух, вода и почва со многу зеленило.

Битола треба да биде град на сите нас кои живееме во неа и секој од нас на различен начин придонесуваме за нејзниниот комплетен лик – одговорно, чесно, стручно, посветено во партнерски однос со граѓаните, максимално отворено и транспарентно затоа што Битола е наш град, на сите! Со мојот тим, ќе тропнеме на секоја врата, во секој двор, ќе го посетиме секое маало, секоја уличка, секое населено место ќе разговараме со сите, директно и отворено, да ги слушнеме проблемите- порача Илиоски.

Во предизборната програма, приоритетни ќе бидат  проектите кои се однесуваат на животната средина која ќе биде високо во  фокусот на Илиоски, во фокусот на советниците и новата локална самоуправа, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните ибори.

-Во следните четири години ќе насадиме 10.000 нови садници урбано и блоковско зеленило, ќе изградиме и опремиме комплетно нов парк како зелен појас во Нова Битола и како мерка за намалување на загадувањето од автомобилите. Општината ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на секој купен велосипед од грѓаните, во износ не поголем од 4000 денари.  Новитет во оваа кампанја ќе биде силното граѓанско, волонтерско учество во неа и покажување на нашето партнерство со битолчани уште отсега, на дело.

Политичката борба треба да биде натпревар на идеи, компетенции и вредности , а не меѓусебни напади на политичките противници и ние сме цврсто убедени дека иднината на Битола и Македонија зависи само од работа, работа и уште посветена работа, а не од манипулации, ветувања и интриги. Мене како личност чесната работа ме крепела  и ме потврдувала и до сега , така и ќе остане. Работата и почитувањето на дадениот збор ќе победат на 15 октомври кога немам никаква дилема дека повторно ќе Ви се обратам како ваш иден градоначалник. А сега- да работиме! Битола е на сите- истакна на промоцијата во Битола,  Зоран Илиоски, кандидат за градоначалник на Битола од ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*