Нова стечајна треска ја тресе, во последно време, Битола. По горчливата судбина и стечајот во најслатката фабрика во Битола, Шеќераната “4 Ноември“, по над 90 години успешно опстојување, деновиве, во стечај замина и една од најстарите фабрики во градот под Пелистер, Фабриката за трикотажа “Пелистер“, чии трикотажни производи, изработени од чист памук, порано можеа да се најдат на најпребирливите европски пазари и САД.
Стечајот на шеќерната фабрика и битолската трикотажа “Пелистер“ на најдобар начин ја отсликува состојбата во која е наоѓа битолското стопанство.
Ако се знае дека пред стечај се и две големи грчки текстилни компании, кои вработуваат неколку стотини вработени, а кои последните месеци мака мачат како да опстанат, се чини дека битолското стопанство ги преживува своите најтешки денови.
За тоа во каква состојба се наоѓа битолското стопанство најдобро зборуваат изјавите на неколку битолски стечајни управници, кои, во последно време, како што велат, глава не можат да кренат од барањата на стопанските субјекти за поведување на (пред) стечајна постапка.
Во неможност да ги подмируваат своите обврски, како кон своите доверители, така и кон вработените и државата, веќе стана практика во Битола, голем број стопанственици, а некои и сопственици на фирми и компании сами да поднесуаваат барања за поведување на (пред)стечајни постапки.
Бројот на стечајните постапки во последно време е навистина драстично зголемен. Иако тој не е како на времето, кога буквално банкротираше битолското стопанство, сепак поради економската криза и неликвидноста, голем број битолски фирми побрзо се одлучуваат за стечај, отколку за барање излез од безизлезот во кој се наоѓаат, ни тврди деновиве еден стечаен управник.
Според него, иако кризата во економијата е присутна подолго време, сепак, последните настани на политичката сцена и препукувањето на власта и опозицијата во голема мера ја влоши и така лошата ситуација во битолското стопанство и влијаеше поголем број компании да заминат во стечај.
На сериозноста на ситуацијата во која се наоѓа битолското стопанство најдобро зборуваат и информациите од Подрачното одделение на Централниот регистер, каде постојано се бришат фирми и компании, поради стечајни постапки.
-Бројот на компаниите кои ги бришиме од евиденција на правните субјекти е неколкукратно поголем од бројот на субјектите кои отвораат нови фирми, велат во Централниот регистер, каде папките за бришење од евиденција на правните субјекти се преполни со барања, додека папките за отворање на нови фирми се речиси (полу)празни.
-Иако со тешко срце, сепак, по многу размислување, непроспиени ноќи и бројни калкулации, одлучив фирмата да ја пуштам во стечај. Веќе немав каде. Мене никој не ми плаќа, а таму јас каде што должам буквално не ме оставаат никако на мир и постојано ми ѕвонат. ни вели К.П., бизнисмен кој по долги години успешно работење деновиве ја пушти во стечај својата некогаш реномирана фирма за трговија.
Бројните стечајни постапки не им донесе проблеми само на сопствениците на фирмите, туку и на книговодителите.
-Ние книговодителите кои им ги водиме “книгите“ на нашите клиенти, навистина сочувствуваме со нивните проблеми. Тие постојано не прашуваат што да прават. Иако ги советуваме да се прилагодат во кризата, сепак кога ќе видат дека немаат излез се одлучуваат за стечај.
Во изминатите два-три месеци дури десетина комапнии, чии книговодства им ги водевме заминаа во стечај и престанаа со работа. Нивното згаснување не доведува и нас во тешка ситуација, ни вели една книговодителка, која само во последните неколку месеци загубила дури десетина фирми.
По последните стечаи, во Битола најмалку неколку стотини работници останаа без работа, а доколку во стечај заминат и двете грчки компании, бројот на лицата кои ќе се најдат на списоците во Агенцијата за вработување ќе се искачи дури над 1.000.
Инаку, последната серија стечаи, кои веќе подолго време ја тресат Битола, почна со стечајот на Фабриката за масло, која беше најавувана како најголема битолска инвестиција.
По стечајот на Фабриката за масло, во стечај замина и една од најуспешните компании за производство на леб и бели печива “Млин Стојчев“ која важеше за најголем мелничко-пекарски капацитет, не само во Битола, туку и во регионот и кој вработуваше над 200 работници.
Стечајот на Фабриката за масло и на “Млин Стојчев“ како да беше најава дека кризата нема да ги одмине ни другите индустриски капацитети во градот под Пелистер, од кои некои беа доста реномирани.
Така, неодамна, во стечај замина и Печатницата “Микена“ која важеше за една од најмодерните и најквалитетните печатници во државата, која последните години ги печатеше сите значајни дела од проектите на Министерството за култура.
Пред тоа катанец на своите простории им стави и фирмата “Полимер“, која до пред само извесно време важеше за една од поуспешните приказни во Битола.
Серијалот на стечајните постапки продолжи со заминувањето во стечај на уште неколку реномирани битолски фирми и компании, како што беа словенечката фирма “Метеорит“, а речиси во исто време по “Метеорит“ клуч на врата стави и фирмата “Римоди“.
По пожарот што ја зафати фирмата “Виго 48“ или поранешен “Прогрес“, која неодамна речиси до темел беше изгорена, без работа останаа над 200 работници, а како што стојат работите оваа компанија прашање е дали некогаш повторно ќе проработи.
Бројните стечаи на некогаш познати големи битолски фирми сериозно ги загрижуваат битолчани. Но, тоа што особено ги загрижува невработените битолчани е масовната појава во последно време и т.н. мали фирми не можејќи да се справат со економските (не)прилики се одлучуваат да ги затворат своите мали бизниси.
Ако кон тоа се додадат и бројните стечаи, или ставање клуч на вратите на огромен број занаетчиски дуќани, продавници, мали колонијални продавници, станува јасно дека економската состојба во градот под Пелистер е повеќе од загрижувачка.
За најголемиот број битолчани слаба утеха е доброто работење на најголемата грин- филд инвестиција, германската фабрика “Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона “Жабени“, каде досега се вработија над 2.000 работници. Поради кризата и нестабилната политичка ситуација и во индустриската зона “Жабени“, компаниите кои купија парцели и кои имаат извадено одобрение за изградба се уште размислуваат дали да почнат да градат, а една компанија од соседна Грција, иако минатата година ги постави темелите на својот индустриски капацитет, по само неколку месеци подоцна престана со изградба, чекајќи сигурно подобри времиња, кои за најголемиот број битолски компании и правни субјекти никако да дојдат.
Тоа што особено ги загрижува луѓето од бизнисот е што неколку добри и успешни бизнисмени од Битола мораа да им стават клуч на своите бизниси само затоа што не можеле да ги наплатат побарувањата од некои државни фирми.
Додека државните компании уво не ги боли за нивните огромни долгови, приватните компании кои заглавиле соработувајќи со нив мораа да заминат во стечај, бидејќи извршители им ги блокирале жиро-сметките.
Најлошо од се е што некои приватни фирми со години не можат да си ги наплатат своите побарувања од разни државни институции, установи, локални самоуправи, само затоа што ним законот им дозволува да можат да работата иако се блокирани.
Б.В.