Don't Miss
Home / Економија / Богов: Ако политичката криза влијае на економијата НБРМ ќе преземе мерки

Богов: Ако политичката криза влијае на економијата НБРМ ќе преземе мерки

Народната банка на Република Македонија внимателно ги следи сите движења во економијата во последните неколку месеци по настанувањето на политичката состојба во земјава и реакцијата и мерките што ќе ги преземе ќе бидат во согласност со остварувањето на основите цели на НБРМ – задржување на ценовната стабилност и стабилноста на банкарскито сектор.

Ова го истакна денеска гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов на седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на кој се разгледуваше Извештајот за работењето на Банката во минатата година, прашан за влијанието на политичката криза врз македонската економија, пренесува МИА.

– Во нашето основно макроекономско сценарио ја задржавме проекцијата за раст годинава од 4,1 проценти и 4,5 проценти наредната година. Но, сега кога ќе се менуваат работите во економијата по нашето основно сценарио може да дојдеме во ситуација целиот наш фокус да биде насочен на задржување на ценовната стабилност и стабилноста на банкарскиот сектор при што нема да имаме простор да го поддржиме економскиот раст, рече Богов додавајќи дека инструментите со кои би го сториле тоа е преку затегање на монетарната политика што би значело зголемување на каматните стапки и за бизнисите и за граѓаните.

Богов истакнува дека тоа ќе бидат неопходни мерки и оти Народната банка ќе го направи она што мора за да ги оствари своите основни цели.

– Ценовната стабилност ќе биде задржана, курсот на денарот во однос на еврото ќе биде задржан и ние ќе направиме се што е во наша моќ за да биде задржана стабилноста на банкарскиот сектор, но цената ќе ја платиме сите со тоа што ќе плаќаме поголеми камати и ќе имаме помал раст во економијата, рече Богов.

Тој потенцира дека централната банка ќе има сознание дали политичката криза ќе има влијание во економијата во јуни или јули кога ќе ги добие податоците за движењата во економијата од април и мај. Народната банка, појасни, ги гледа макроекономските податоци кои доаѓаат со одредено задоцнувње. Кога ќе ги добие податоците за април и мај тогаш ќе има сознанија дали веќе се одразиле овие негативни политички случувања врз економијата.

Според него, негативното влијание би се почувствувало во одложување на инвестиците и на домашните и на странските компании, што ќе оневозможи нови работни места и раст на платите. Потрошувачите ќе се воздржуваат од купување добра кои не им се најнеопходни, така што производителите ќе го намалат производството што ќе влијае на можноста за враќање на кредитите кај банките кои пак ќе станат рестриктивни.

– Така негативниот круг ќе почне да се врти и тешко може да се прекине, истакна Богов додавајќи дека во такви услови се очекуваат негативни ефекти на растот кои ќе создадат услови за преземање мерки на Народната банка за затегање на монетарната политика.

Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија посочи дека ваквата политичка криза може да ја урне економијата на подолг рок и оти доколку се прекине овој момент на континуиран раст на економијата ќе бидат потребни низа години да се дојде до раст од 2 до 3 проценти.

Според неа, веќе е видливо негативното влијание на политичката состојба врз економијата преку откажување на аранжаманите, стопанството кое многу прудентно ги вложува своите пари за инвестициски циклус и преку закочените инвестиции од надвор.

Крсте Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека доколку не се прекине ваквата состојба ќе се доведе во ситуација реализацијата на најавените странски директни инвестиции, инфраструктурните проекти, проектите во железничкиот сектор, изградбата на хидроцентрали, работењето на банките во делот на каматите, како и јавната потрошвачка.

– Политиките на Владата и на НБРМ даваат резултати и во услови на европска и светска криза и во моменти кога имаме континуиран раст на економијата и кога граѓаните треба да ги почувствуваат бенефитите,е за жал доаѓаме во несекојдневна ситуација и наместо да внимаваме на екстерните фактори кои влијаат на влошување на нашите економски процеси ние сега во моментов сме во специфична ситуација поради деструктивни влијијанија и методи на рушење на демократски изабран систем од страна на опозицијата, рече Мукоски.

 

Фото: МИА

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*