Во изминатите години, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се закани со “бомбардирање“ на власта, се изнаслушавме какви не глаголења дека во Македонија нема демократија, дека владее режим, дека безмалку живееме во земја во која на власт е фашистичка клика, дека Македонија, во најмала рака, наликува на Белорусија и Северна Кореја, дека власта на Груевски со едноумието кое го практикува мисли само на својата фамилија, дека е загрозена слободата на говорот, на пишаниот збор…
Ни најпедантните (политички) хроничари не можат да ги набројат сите квалификации со кои е оценета власта на експремиерот на Владата, Никола Груевски.
Слушајќи ги повремено, а во последно време се почесто таквите квалификации за т.н. “режим“ на Никола Груевски, често пати сум се прашувал во каква земја ние живееме.
Без намера да се ставам во улога на адвокат на Никола Груевски, сепак, во оваа прилика не можам, а јавно да не се прашам дали ние живееме во иста држава и дали и Европа и САД, во кои се колне опозицијата, нас не сметаат за Северна Кореја или Белорусија.
Слушајќи ги сите тие глаголења не можам, а да не се запрашам доколку сме такви, какви што не оценува и проценува опозицијата, како е можно ние уште да бидеме кандидат за влез во ЕУ и НАТО и зошто на таква диктаторска земја, Европската комисија дури во 7 наврати ни дава препораки да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ и зошто се уште ни е отворена вратата за членство во НАТО.
Во ситуација кога опозицијата веќе 10 години, дали на редовни или предвремени избори, никако не успева да ја победи ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека донекаде е нормално Заев со другарите со такви квалификации да ги мотивира своите членови и симпатизери.
Иако не можам никако да ги сфатам, сепак мислам дека донекаде ми е сфатливо што членовите на СДСМ и симпатизерите беспоговорно ги слушаат пораките на Заев и него го сметаат за “голем демократ“, дури и тогаш кога тој јавно се заканува дека кога ќе дојдел на власт ќе јадел живи луѓе и ќе направел тим во кој од чистачка до премиер сите ќе биле од СДСМ.
Искрен да бидам, “зајачките“ изјави на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, мене воопшто не ме изненадуваат и не ме иритираат. Јас неговата “зајачка брзоплетост“ја видов, многу одамна, уште кога како в.д. лидер на СДСМ, крај една депонија до смет, за време на акцијата за почиста околина, од името на СДСМ, му се извини на целото членство и на македонскиот народ за сите злодела што ги направила неговата партија.
Но неговата “храброст“ а јас би рекол глупост, како в.д. претседтел на СДСМ да се извинува во името на партијата, никој тогаш од членовите на партијата, не ја коментираше и никој не собра храброст да го праша како може тој, како в.д. лидер да се извинува во името на партијата.
За другите негови “зајачки“ изјви дадени тогаш, а и во последно време околу (не)одржувањето на изборите и снимените ленти, може да му позавиди и Бубо Каров од К-15.
Тоа што мене лично ме загрижува е што дел од луѓето од СДСМ од Битола, кои се жалат на диктатура, закани, притисоци, тормозења, реваншизми и се залагаат за демократија, воопшто не се воздржуваат да се служат со закани и притисоци и да најавуваат реваншизми откако ќе ја освоеле власта.
Таквото однесување на дел од тие луѓе на СДСМ навистина е невидено лицемерие.
Луѓето кои со полна уста зборуваат за демократија, воопшто не се воздржуваат да испраќаат пораки со закани за реваншизми. Во зависност од (не)приликите, или околностите, тие кои ги дисквалификуваат политичките противници и кои оваа земја ја прогласија за најдиктаторска, без око да им трепне ги дисквалификуваат и своите сопартијци, или членови на партијата.
Така некои од нив, преку ноќ Душко Илиевски фармерот, во кого порано се крстеја, по даденото интервју во емсијата “Полиграф“на Б-97 радио, во кое тој го критикуваше Заев, го прогласија за предавник, хохштаплер, криминалец, кој бил купен од ВМРО-ДПМНЕ. За нив сега Дуле не е повеќе член на СДСМ, а уште помалку некој лидер.
Таквите луѓе кои тврдат дека нема слобода во Македонија и дека тие не можат своите политики да ги промовираат во медиумите и по неколку месеци од поставените прашања за интервју се уште размислуваат дали да одговорат на поставените прашања и да дадат интервју.
Денес токму од тие луѓе, кои се залагаат за демократија, без око да им трепне практикуваат диктатура во партиите и со најприземни измислици и дисквалификации ги оцрнуваат своите партиски другари.
Во последно време се почесто можете да ги слушнете размислувањата на некои познати политички фаци на СДСМ од Битола, кои не кријат како ќе се пресметале со сите политички противници. Нивниот список бил наводно мошне долг, а на него се најдуваат и некои медиуми кои ја штителе власта.
Ако во името на борбата против “диктатурата“на Груевски на народот му се нуди таква демократија, навистина црно ни се пише.
Но, притоа забораваат дека тоа многу одамна некој го нарекол демократура, а народот веќе не е толку далтонист да не знае да направи разлика, меѓу демократијата и демократурата.
Автор: Менде Младеновски