Повеќе од десет илјади луѓе, православни верници од Охрид и од други делови на Македонија, но и гости од странство, присуствуваа на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Од неколкуте стотини верници кои скокнаа по крстот во студените езерски води најсреќен беше 33-годишниот Цветан Мицкоски од охридското село Белчишта.
– Дваесет години скокам по крстот, денеска ми се исполна животната желба да го фатам крстот, сам ми дојде пред нозете – изјави Мицкоски кој е родум од Белчишта, а живее во Охрид.
Овогодинешните кумови на Богојавление, балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот од Кичево Зоран Милески меѓу другото ќе го даруваат Мицкоски со вредна реплика на чесниот крст изработена од сребро и позлата, тешка еден килограм.
Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител во Охрид почна рано изутрината со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид, освен на Плаошник. Централната манифестација се одржа на Градското пристаниште, а кулминираше со фрлањето на крстот во осветените езерски води.
Голем број верници и гости од земјата и странство и оваа година решија за Богојавленските празници да бидат во Охрид, на најголемата и најмасовната црковно-народна манифестација, која од година во година се збогатува со нови содржини и настани интересни за гостите, а во согласност со верските обичаи.
И оваа година во осветените води на Охридското Езеро ќе биде извршено и масовно крштевање, што ќе се спроведе во 14 часот кај месноста Сараиште.
За сите гости и посетители во Охрид денеса на посебни штандови во центарот на градот бесплатно се служи вино, топла ракија, пача, пржени плашици.
Прославувањето на Богојавленскиот водосвет продолжува и утре, на празникот Собор на Свети Јован Крститетел или кај охриѓани попознат како Денот на рибарите. Охридските рибари на тој датум во минатото со капење во езерото го чествувале крајот на мрестот на пастрмката и почетокот на слободниот риболов. За Денот на рибарите во Охрид верниците ќе пливаат по бурињата со вино што ги обезбедува организаторот на манифестацијата, И оваа година манифестацијата ќе биде збогатена со програма, во чии рамки ќе се готви рибна чорба чија изработка ќе ја спонзорира ресторанот „Тино“, а ќе ја приготвуваат наставници и ученици на Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“. Чорбата ќе се приготвува во голем казан од 2,5 тони, а специјалитетот ќе биде наменет за сите посетители присатни на манифестацијата.
Покрај богатата музичка програма и оваа година ќе биде претставен и риболовен алат и фотографии од рибарското минато на градот.
Извор: Нова Македонија