Вечерва, на свечена академија во Битолскиот Народен театар беа доделени највисоките општински признанија, наградата 4 Ноември.
И Битолски весник, како најстариот локален печатен медиум во Република Македонија, кој годинава прослави 50 години од излегувањето на првиот број, кој беше отпечатен на 29 април 1964 година, е годинашниот добитник на најголемото општинско признание на Битола, наградата, 4 Ноември.
Битолски весник цели 50 години непрекинато опстојува на македонскиот медиумски простор и е еден од најреномираните локални печатени медиуми, кој успеа да ја преживее транзицијата и да опстои на пазарот.
Покрај Битолски весник со најзначајното општинско признание за својата долгодишна научна работа во областа на книжевноста и науката, наградата за животно дело, се стекна проф. д-р Вера Стојчевска- Антиќ, која во својата богата научна кариера има објавено над 800 научни и книжевни трудови.
За едногодишни постигнувања со наградата 4 Ноември се стекна: актерот на Народниот театар Битола, Огнен Дранговски, кој оваа година настапи во составот на “Глоуб театарот” во Лондон, писателот Зоран Пејковски, за објавените книги “ Сега знам “ и “ Сите наши кодоши” педијатарот д-р Вангел Тодоров и фирмата “ Цермат “, која го доби признанието од областа на стопанството.
Наградите на добитниците свечено им ги врачи првиот човек на Битола, д-р Владимир Талески.
Б.В.