По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби 3 декември, градоначалничката Наташа Петровска во име на Општина Битола донираше телевизор за децата кои престојуваат во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас „Кочо Рацин” во Битола.
„По информациите кои ги добивме од Заводот, дека децата кои се згрижени во оваа установа немаат телевизор во занималната каде што поминуваат голем дел од слободното време и дека навистина им треба, без расмислување одлучивме вака да го одбележиме овој ден и да им донираме телевизор. Да донесеме малу радост и среќа во нивните животи, да можат повеќе да се дружат во оваа просторија, да уживаат и да споделуваат заеднички моменти. Ова е најмалку што може Општина Битола да направи за нив, се надевам дека во иднина ќе имаме уште повеќе можност да дадеме придонес за подобрување и олеснување на нивните животи овде, во Заводот”, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Во Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас „Кочо Рацин” во Битола, единствена образовна институција од ваков вид во Република Македонија која постои речиси 70 години, опфатени се 70 деца од 3-17 години со посебен воспитно-рехабилитационен процес. Од нив, дел посетуваат настава на дневна основа, а интернатско сместување имаат околу 30 деца.
„На наша голема радост, градоначалничката Петровска им подари телевизор на децата, за кој што и тоа како имавме голема потреба, бидејќи во занималната во која што дечињата престојуваат во вечерните часови, имаше потреба да следат активности кои се емитуваат на телевизија. Благодарноста ја пренесувам од сите и им порачувам не само на институциите, туку и на сите граѓани во земјава, да се грижиме колку што можеме повеќе да им ги намалиме грижите на овие ученици, бидејќи тие тоа го заслужуваат. Децата не и останаа должни на градоначалничката, бидејќи на нејзината насмевка и возвратија со искрена и чиста љубов и тоа е само уште една потврда дека таква љубов постои. Сите заедно треба да бидеме една алка во создавањето на благосостојба во однос на духовното и телесното здравје на децата, да им подариме љубов и грижа, бидејќи само љубовта е безвремена и вечна”, истакна д-р Валентина Стојкоска, директор на Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас „Кочо Рацин” во Битола.
Во Заводот се сместени деца со аутизам, деца со интелектуална попреченост, деца со оштетен слух, говор и вид и деца со комбинирани пречки во развојот.