Home / Политика / Дворски игри во ЛДП

Дворски игри во ЛДП

Иако,  до конгресот на ЛДП, кој ќе се одржи кон крајот на февруари, остануваат уште нешто повеќе од три месеци, сепак во оваа партија, која откако постои, постојано е пред изборот меѓу “змијата“ и “магарето“, веќе почнаа дворските игри. Само што ја најави својата кандидатура за нов лидер на партијата, актуелниот пратеник во оставка Горан Милевски, почна да “лобира” за својот избор.
Иако многумина ги изненади неговата (не)очекувана номинација против неговиот актуелен шеф, Андреј Жерновски, благодарение на кој Милевски не само што стана потпретседател на партијата, туку и пратеник во Парламентот, сепак неговата кандидатура во извесна смисла држеше вода.

Човекот е млад, амбициозен, мисли дека има харизма да ја води партијата не во Битола, туку и во Македонија и зошто не би се пријавил на Конгресот да си ја проба среќата.
Тоа што во случајот својата борба тој на претстојниот конгрес ќе мора да ја води против својот политичкиот ментор и “учител” Андреј Жерновски е сосема друго прашање.
Но, не еднаш во политиката се случило ученикот, откако ќе “порасне“, да му се спротивстави на својот учител.

Тоа што е чудно во сегашната ситуација, во која се наоѓа ЛДП со кандидатурата на Милевски, е што веднаш по неговата јавна номинација, во Битола почнаа дворските игри од кои не е имуна партијата.
Имено, дека нешто се случува во ЛДП, најдобра потврда беше тоа што по посетата на Андреј Жерновски во Битола и средбата со своето членство, во јавноста излезе информација, од добро информирани извори, дека Андреј Жерновски во Битола поминал како “песот на Василица“ и дека добил не жолт, туку црвен картон и дека членството незадоволно што тој ја поставил Роза Топузовска – Каревска за пратеничка, побара негова оставка.
Дека раководството на ЛДП во Битола нема намера повеќе да му аплаудира на Жерновски најдобра потврда беше информацијата дека своето незадоволство тоа го покажало со тоа што, наводно, никој не сакал да го дружи Жерновски на вечерата по средбата со членовите на партијата во Битола.
Нешто подоцна во јавноста, поточно на порталот на Битолски весник, кој, патем речено, прв ја објави информацијата за барањето оставка на Жерновски, излезе информација од другата група на ЛДП, дека Милевски, наводно, не ја ужива довербата на членството и дека тој на своја рака, без да се консултира со нив, ја најавил својата кандидатура за лидер на партијата.
Веднаш по таквата информација, експресно, како што е вообичено, од Милевски стигна демант на таквата (дез)информација, која порталот на Битолски весник во истиот момент доцна вечерта ја објави.
И дотука нема ништо спорно. На вакви игри кога е во прашање ЛДП сме се навиканле во изминатите години.
Дека нешто чудно се случува во ЛДП, најдобра потврда е што деновиве на состанок на Централниот одбор на партијата во Скопје, продолжиле дворските игри меѓу членовите на партијата од Битола.
Расправата отишла дотаму што некои видни членови предложиле Битола да му се извини на Жерновски јавно, зашто, наводно, тој ни виновен ни должен, откако дошол на средба со членството во Битола, бил оцрнет во јавноста дека не ја ужива довербата на битолските либералдемократи и дека со него на вечера буквално не отишол никој.
На таквото извинување од страна на раководството на партијата стигнала реплика дека порталот кој ја објавил таквата информација бил непослушен (нема да го споменеме изразот кој бил употребен) и дека тој години наназад, наводно, ја оцрнува(л) партијата и дека не сакал да објави демант.
Со оглед на тоа што ЛДП се доста отворени за пласирање (дез)информации во јавноста во оваа прилика, со најдобра намера им препорачувам тие да си продолжат со нивните дворски партиски игри, но во никој случај нема да дозволиме во нив да го инволвираат ни Битолски весник, ни порталот на Весникот.
Ваквите игри не тераат на заклучок дека некои (видни) членови на ЛДП Битола, ги (зло)употребуваат медиумите и дека во зависност од нивните потреби такви (дез)информации пласираат во јавноста, притоа правејќи си најчесто свој личен маркетинг.
Токму поради тоа, а се со цел ниту Весникот, ниту пак порталот да биде (зло)употребуван во дворските игри на ЛДП, ние ќе ги оставиме битолските либералдемократи како мислат така да си ја кројат својата политика, но во иднина нивните политички ставови и (дез)информации ќе им ги оставиме да си ги расчистуваат со членството во партијата, а не преку Битолски весник со јавноста.
На тој начин ќе им помогнеме и нив во демократизацијата на партијата и во внатрешната диференцијација, која, како што дознаваме, мошне брзо ќе следува, а ќе си помогнеме и себеси да се заштитиме од нивните игри, кои стигнаа дотаму дури порталот на Битолски весник да биде предмет на дебата во нивното највисоко партиско тело во Скопје.
На крајот добро е тоа што Милевски ќе му се спротивстави на Жерновски, само не знам како ќе изгледа нивниот внатрепартиски дуел, кога ќе треба да застанат еден спроти друг и дали двајцата ќе имаат чувство дека се наоѓаат меѓу “змијата“ и “магарето“.

 

 

М.Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*