По Хрватска и Велика Британија, деновиве и Словенија го затвори својот почесен конзулат во Битола. Сосема неочекувано, кога беше најавено отворањето на почесниот конзулат на Босна и Херцеговина во Битола, од Љубљана стигна веста дека Словенија, деновиве, донела одлука привремено да го затвори својот почесен конзулат во Битола, кој, според сите до неодамнешни изјави, успешно функционираше цели 10 години.
Од зградата каде се наоѓаше дипломатското претставништво повлечено е знамето на Словенија, како и таблата со натписот Генерален конзулат на Република Словенија во Битола.
Генералниот конзул на Словенија во градов, Мишко Мојсов, засега не сака да шпекулира околу причините за затворањето на Конзулатот, но тој во изјава за МИА потврди дека затворањето на Конзулатот во Битола е привремено и дека доколку се подобреле економските услови, тој, наводно, повторно ќе бидел отворен.
-Привременото затворање на Почесниот конзулат не е невообичаена работа и истиот, најверојатно, повторно ќе биде отворен кога ќе зајакнат економските активности и соработка, а во најава се и други планови и проекти за кои е потребна дипломатска поддршка. Лично сметам дека овој кризен период брзо ќе биде надминат и дека Конзулатот ќе биде рестартиран, истакна Мојсов.
Инаку, словенечкиот конзулат е веќе трет конзулат кој за кусо време е затворен во Битола.
Иако отворањето на Конзулатот на Босна и Херцеговина во Битола во извесна смисла го ублажи разочарувањето од затворањето на словенечкиот конзулат, сепак, по неговото затворање се погласно и почесто се поставува прашањето дали Битола полека го губи својот конзулски сјај.
Со оглед на тоа што право е на секоја држава кога ќе отвори и кога ќе ги затвори своите почесни конзулати, сепак, се чини дека битолската јавност заслужува одговор на прашањата кои се причините за затворањето на конзулатите во Битола.
Како и Хрватите, и Англичаните, така и Словенците се направија “Англичани“ и без никакво објаснување, деновиве, го симнаа државното знаме од својот почесен конзулат и одлучија привремено или трајно да му стават клуч на својот конзулат.
Затворањето на словенечкиот конзулат дојде сосема неочекувано, откако пред само извесно време во Битола се одржа словенечко-македонски бизнис форум, на кој беа изречени многу пофални зборови за соработката како на политички, така и на економски план меѓу Битола и Словенија.
Нешто што особено загрижува е тоа што не само јавноста, туку ни почесните конзули, не добија објаснување од амбасадите зошто се затворени конзулатите.
Иако можеби економската (не)моќ на државите кои имаа свои конзулати во Битола е причината за затворањето на конзулатите, сепак, се чини дека таквото објаснување не држи многу вода, бидејќи почесните конзули не им правеа никакви трошоци на амбасадите, туку во најголем број тие работеа чисто волонтерски, а голем број од трошоците самите ги надоместуваа.
По се изгледа дека многу поблиску до одговорот се мислењата дека Битола станува неинтересна за државите кои одлучија да им стават катанец на своите конзулати, или пак, почесните конзулати, полека, но сигурно, го губат своето вистинско значење и веќе не се интересни за посредување на релациите Битола и земјите кои имаа(т) свои конзулати во нашиот град.
Б.В.