Don't Miss
Home / Uncategorized / Европски искуства за современа настава

Европски искуства за современа настава

Во СОУ “Таки Даскало“ Битола, се одржа завршна презентација на проектот “Иднината на образо-ванието е во имплементација на европската клима за учење во училиштето“, кој се реализира во рамките на програмата за мобилност “Еразмус плус“.
Членовите на тимот, кој беше вклучен во реализацијата на проектот и координаторот на проектот м-р Весна Милевска, ги запознаа наставниците во СОУ “Таки Даскало“ со активностите кои беа реализирани и извршија дисеминација и евалуација на резултатите.
-Проектот се реализираше во 3 фази. Во првата фаза, која беше подготвителна, се изврши избор на 5 професори од гимназиско образование кои беа вклучени во обуките, втората фаза беше реализацијата на обуките во Италија во периодот од 25 март до 7 април 2015 година и следење на програмата која беше подготвена од нашите партнери од Италија и третата фаза опфаќа евалуација, дисеминација и презентација на резултатите од мобилноста, изготвување на поединечни извештаи и на финалниот извештај за реализацијата на проектот. Целта на проектот е размена на искуства, подобрување на вештините во различни области како екологијата, економската одржливост при менаџирањето на проекти, тимската работа, подобрување на вештините за информатичката технологија во образованието, подобрување на вештините за водење и унапредување на процесот на настава и имплементација на европските методи во наставата – истакна м-р Весна Милевска, координатор на проектот.
Инаку, обуките се изведуваа во Италија од страна на италијански партнер и се изведуваа на англиски јазик, што овозможи подобрување на компетенциите на наставниците, подобрување на јазичните вештини и вештините поврзани со наставата што ќе овозможи подобрување на квалитетот на наставата, како и поголема поддршка и промоција на активностите за мобилноста.

Проектот претставува продолжување на активностите од минатата година, кога беа вклучени професори од стручните насоки кои учествуваа на двонеделна обука во Португалија, а оваа година учествуваа наставници од гимназиското образование.
Вредноста на проектот е 12.500 евра, а е финансиски поддржан од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Еразмус плус.

 
Марија М.Димитровска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*