Франуските власти соопштија дека ги убиле двајцата осомничени за нападот во магазинот Шарли ебдо, а заложникот којшто го држеле бил ослободен во полициската акција северно од Париз. Во одвоена акција во францускиот главен град било убиено вооруженото лице коешто држеше повеќе заложници во кошер-супермаркет, но полицијата соопшти дека во таа акција загинале четири заложници.
На двете локации, во Париз и во гратчето Дамартан-ан-Гел можеле да се слушнат експлозии и пукотници кога полицијата реагирала речиси истовремено петокот попладне. Браќата Шериф и Саид Куачи, идентификувани како главните осомничени во нападот на сатиричниот неделник што однесе 12 човечки животи, излегле од складиштето каде што се криеле и започнале да пукаат во полицијата којашто се приближувала, по што загинале во престрелката.
Во другата операција, полицијата го нападнала супермаркетот во Порт де Винсен, делот на градот познат како еврејскиот кварт на Париз. Тие го убиле лицето коешто претходно го зазело супермаркетот. Властите соопштија дека имало барем пет заложници и дека четворица од нив загинале, но засега не се знае кој ги убил и кога.
Францускиот претседател Франсоа Оланд вечерва се заблагодари на безбедносниот персонал којшто стави крај на заложничките ситуации и ги неутрализираше терористите. Тој ги повика Французите и натаму да внимаваат и побара да покажат единство, нарекувајќи го тоа најдоброто оружје на земјата во борбата против тероризмот, расизмот и антисемитизмот.
Говорејќи на настан во Тенеси, американскиот претседател Барак Обама денес кажа дека САД стојат рамо до рамо со Франција и им честита на француските безбедносни служби на акциите. Тој рече дека соодветните американски служби пружаат поддршка, каква и да и` е потребна на Франција. Според американскиот претседател, нападите покажуваат дека терористите нема што да му понудат на светот, додека Париз ја застапува слободата, надежта и достоинството на сите човечки суштества.