Уште само четири дена не делат од 31 декември, кога ќе се збогуваме со Старата 2018 и ќе ја дочекаме Новата 2019 година.
За неколку дена и оваа 2018 година, која ја дочекавме со толку многу надежи и посакувања за убав и среќен живот ќе стане минато.
За неколку дена ќе ја испратиме оваа и ќе ја дочекаме следната 2019 година, која како и сите претходни, пред тоа ќе биде прогласена за историска.
Годината која наскоро ќе ја архивираме ние обичните смртници ќе ја паметиме по многу работи.
Во завиност од тоа кој како се снајде по тоа и ќе ја памети гоидната која наскоро ќе изминие.
Иако сите ние без исклучок на крајот на 2017 година, кога влегувавме во оваа 2018 година, имавме иста желба за убав и среќен живот, сепак не сите од нас така ја поминавме годината.
Многумина од обичните смртници ќе посакаат оваа 2018 година што побрзо да ја заборават, а некои, кои по смената на власта, добро се снајдоа, ќе ја паметат по тоа што конечно за нив дојде животот.
Но без разлика на се,сите ние, без разлика на која вера, партија или нација му припаѓаме, 2018 година ќе ја паметиме по бегството на “најголемиот патриот” од државата, човекот кој себеси се доживуваше како Александар Велики, Никола Груевски, во Унгарија.
Оваа 2018 година ќе остане запаметена по тоа што како и илјаднци Сиријци, Авганистанци, Либанци, Курди…и Никола Груевски, човекот кој 11 години беше на чело на државата, стана бегалец и од Македонец стана Унгарец.
Соочувајќи се со вистината и реалноста дека ќе мора да одлежи за почеток 2 години затвор, Груевски “собра храброст” и по тајни канали и патишта, ја напушти Република Македонија и како во филмовите избега во Унгарија, со таа разлика што додека останатите бегалци, кои имаа среќа да стигнат само до бодликавата жица на границата, Груевски само за неколку дена доби азил и стана Унгарски државјанин.
Иако почетокот на годината не најавуваше таков крај на оваа 2018 година, сепак крајот на годината ќе остане запамтен и со конечната пресметка на СЈО и надлежните истражни и судски власти со “Фамилијата “ и креаторите на организираниот криминал во Република Македонија, кои во годините на нивното владеење државниот капитал го претворија во свој сопстевен, оштетувајќи ја државата за неколку милјарди евра.
Со нивното апсење и соочувањето на најголемиот број од раководството на претходната власт со вистината и реалноста се потврди старото и (не)пишано правило дека правдата е бавна, но достижна.
Иако тие самите, а и сите ние, нив ги сметавме за недопирливи, сепак при крајот на годината во истражниот затвор во Шутка завршија добар дел од “Фамилијата “, кои сега нудат тешки милиони евра да излезат од притвор и Новата година да ја пречекаат со членовите на нивните семејства во своите домови.
Но за разлика од обичните смртници, кои самите одлучуваат каде и со кого ќе ја испратат Старата и ќе ја дочекаат Новата година, тие ова право и можност во моментот го немаат, зашто помина времето кога тие одлучуваа не само за својата, туку и за нашата судбина.
Сега з анивната судбина одлучуваат судот и надлежните истражни органи.
Со нивното апсење се покажа дека криминалот конечно стана неисплатлива професија и кај нас.
Сега, кога ги броиме последните денови од Старата 2018 и со нетрпение ја очекуваме Новата 2019 година, со голема доза на измешани емоции и чувства граѓаните на Република Македонија ги живеат последните денови во државата која сеуште се вика Република Македонија.
Со изгласувањето на уставните амандмани веќе е дадена виза за “прексртување “ на државата , која од идната година ќе се вика Република Северна Македонија.
Со изгласувањето на новиот Устав кон средината на јануари, пред празникот Водици, Макеоднија ќе почне да ја испишува новата страница од својата (старо)нова историја, на држава која ќе се преименува во Република Северна Македонија.
Тогаш на сила треба да стапи Преспанскиот договор од Нивице, со које е постигната согласност на Република Македонија и Грција за преиеменување на нашата држава и откочување на преговорите за влез во НАТО и ЕУ.
Иако власта се обидува да ја увери јавноста дека со преименувањето на Република Македнија во Република Северна Македонија граѓаните на Македонија ништо нема да загубат од идентитетските прашања, сепак не е мал бројот на граѓаните кои сметаат дека со применувањето на Република Македонија, ние ќе живееме нов живот со нова историја и нови фрустрации, со кои допрва ќе се соочуваме.
По речиси 27 години од својата независност, Република Македонија настојувајќи да се избори за влез во НАТО и ЕУ, конечно го (про)даде своето уставно име и ја плати цената за нашите евроинтеграции, кои сите ние живеаме со надеж дека ќе ни донесат подобар живот.
Но кога станува збор за подобриот живот, нестрпливите граѓани на Македонија, а во таа смисла и Битола, неможејќи да чекаат Македонија да влезе во ЕУ, веќе масовно ја напуштаат државата и заминуваат во некоја од европските земји.
Со давањето на работни визи во последно време голем број граѓани на Република Македонија речиси секојдневно заминуваат на печалба во Германија.
Веќе на тие кои размислуваат за заминување во странство не им требаат бугарски пасоши.Во потрага по работна сила многу европски земји одлучија да им даваат работни визи не само на граѓаните на Македонија, туку и на сите од Западен Балкан.
Истата слика се чуствува и во Битола која масовно ја напуштаат голем број главно млади луѓе и кои веќе станаа дел од ЕУ, без да се преименуваат како Северно Македонци.