Фудбалот и Пелистер повторно се топ -тема меѓу битолчани. По подолго време, повторно љубителите на фудбалот во Битола, но и другите битолчани, на кои фудбалот не им е најважната споредна работа на светот, со многу љубов и оптимизам зборуваат за Пелистер и неговите перспективи.
Во моментот кога многумина кренаа раце од Пелистер и кога ра-ководството на градот и сопствениците на клубот се соочуваа со резултатската криза на екипата и ги кроеја плановите за иднината на клубот, стигна веста дека нов тренер на Пелистер во наредниот период ќе биде Ѓоко Хаџиевски.
Доаѓањето на Хаџиевски на чело на кормилото на Пелистер, преку ноќ ја врати надежта во Битола за подобро утре во Пелистер.
Овие денови, по неговото ангажирање во Битола веќе никој не зборува со песимизам за перспективата на клубот. Напротив, по ангажирањето на Хаџиевски оптимизмот на голема врата се врати на стадионот под Тумбе кафе.
Сега веќе на сите, дури и на најголемите песимисти, им е јасно дека Пелистер како клуб е на добар пат да се врати таму каде што му е местото – во самиот врв на македонскиот фудбал и по неколку години пауза повторно да излезе на меѓународната фудбалска сцена.
Само неколку дена по ангажирањето на Хаџиевски во Пелистер веќе почнаа да дуваат нови ветрови.
Интересот за тренирање во Пелистер овие денови нагло се зголемил, а драстично е зголемен и интересот на фудбалерите кои сакаат својата фудбалска кариера да ја продолжат во Пелистер.
Тие коишто многу одблиску ги следат состојбите во клубот, ни тврдат дека деновиве, кога фудбалските стручњаци за млади категории од Србија и Англија држале тренинг со сите млади категории фудбалери, на Ќумурното, било вистински празник за очите.
Стотици млади фудбалери дошле да бидат забележани од странските тренери, а со нив имало и голем број родители, кои дошле да присуствуваат на отворениот час по фудбал кој го држеле тие.
Спортскиот директор на Пелистер, деновиве на прес-конференција не уверувасе дека по доаѓањето на Хаџиевски, Битола повторно ќе биде расадник на млади фудбалери, а Пелистер по својата организација не само на првиот тим, туку и со младите категории играчи ќе наликува на најдобро организиран европски клуб.
Таквата слика само уште еднаш ја подгреа атмосферата дека фудбалот во Битола повторно е тема број 1 кај битолчани.
Сега, кога во Битола, фудбалот повторно стана најдобрата споредна работа на светот, треба да се потсетиме на времето кога Хаџиевски со својата посветеност и професионализам во работата, од Пелистер направи клуб, кој во поранешна Југославија, каде и да играше предизвикуваше воздишки и респект.
Под неговото остро тренерско око излегоа десетици и десетици млади фудбалери, кои направија блескави фудбалски кариери, а станаа и успешни луѓе.
За разлика од некои други фудбалски стручњаци, кои ги интересираат само резултати, Хаџиевски е познат фудбалски стратег, кој гради комплетни личности. За него иако фудбалот е приоритетна задача, сепак тој многу и придава значење и на изградбата на личноста на играчите, зашто, според него, само комплетни личности можат во целост да ги оправдаат неговите барања и очекувања.
Иако, кога е во прашање спортот, секогаш важи правилото прво скокни, па потоа кажи оп, и за успесите на Пелистер треба да помине доста време, сепак, кога е во прашање Хаџиевски, Пелистер не треба да стравува за својата иднина.
Тој можеби на кус период нема да има импресивни резултати, но на долг рок, сигурно ќе направи многу, а темелите кои тој ќе ги постави ќе бидат толку цврсти што ќе траат со години.
Тие што го знаат Хаџиевски добро знаат каков стручњак е тој. Кај него нема импровизации. Напротив, секој негов потег е добро измерен и секогаш добро планиран.
За разлика од другите тренери, кои бркаат резултати преку ноќ, тој работи на долги патеки.
Како фудбалски стручњак работел во многу домашни и странски клубови. Беше и остана еден од најуспешните селектори на Фудбалската репрезентација на Македонија. Својата кариера ја градел во Кипар, Србија, Бугарија Грција, Јапонија, Саудиска Арабија Азербејџан, Кина.
Секаде каде што бил оставил одлични впечатоци и повторно бил баран.
Но, без оглед на тоа каде и да играл или работел како тренер, Пелистер отсекогаш му бил најблизок клуб. За него Пелистер е вистинска љубов, најпосакувана тема и неиспишана книга.
Сега по толку години печалба, во Битола не дојде ниту да печали, ни да се пензионира. Напротив, дојде да работи со уште поголем ентузијазам отколку на почетокот на кариерата.
Познавајќи го, знам дека е свесен пред каков испит се наоѓа и каков ризик презеде. Но, тој никогаш не бегал од ризици и одговорност. Напротив, секогаш бил подготвен да се соочи со нив.
Затоа тој на првата средба по доѓањето во Битола првото што го вети е работа, работа и само работа, како и создавање услови за развој на Пелистер.
Сега останува сите ние да му посакаме успех.
Автор: Менде Младеновски