Ѓоко Хаџиевски по 24 години отсуство повторно е на чело на фудбалскиот клуб Пелистер.
Денеска во присуство на градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески, сопственикот на клубот и фирмата “ Цермат “ Зоран Ристевски, како и првиот човек на Пелистер, Димче Шеровски официјално беше промовиран Хаџиевски за нов шеф на стручниот штаб на фудбалскиот клуб Пелистер.
-Со ангажирањето на Хаџиевски за нов шеф на стручниот штаб ние како град и клуб го направивме првиот и најсериозен чекор во остварувањето на нашите амбиции од Пелистер да направиме силен клуб, со силна инфраструктура, истакна градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески, кој пред новинарите отворено вети целосна поддршка на градот спрема Пелистер.
Сопственикот на клубот, Зоран Ристевски во својата изјава за новинарите нагласи дека веќе подолго време, откако тој го презеде Пелистер, надвор од очите на јавноста се воделе преговори за ангажирање на Хаџиевски за нов шеф на стручниот штаб и оној момент кога во целост се поклопиле нивните планови и амбиции дошло до договор, рече Ристевски.
Новиот шеф на стручниот штаб на Пелистер, Ѓоко Хаџиевски во својата изјава за медиумите нагласи дека е свесен за ризикот што го прифаќа со преземањето на Пелистер. Него за Пелистер го врзуваат најдобрите спомени од неговата играчка и тренерска кариера и дека Пелистер од секогаш за него бил светост.
-Точно пред 24 години си заминав од Пелистер. Денес по 24 години се враќам во Битола и Пелистер со исти амбиции како на почетокот од мојата тренерска кариера и желба од Пелистер да направиме силен и квалитетен тим. Зад себе имам огромно искуство. Сум бил на чело на многу клубови, имам зад себе голем број успеси, како на домашен така и на меѓународен план. Своето тренереско искуство сум го градел и во најдобрите клубови во Србија, Јапонија, Катар, Саудиска Арабија, Азербејџан , Бугарија, Грција. Во ниту еден клуб каде што сум работел не сум имал неуспеси.
Иако, имав бројни понуди да преземам други клубови, сепак, се одлучив за Пелистер. Преговорите со раководството на клубот не траеја долго и оној момент кога ги слушнав плановите на новото раководство, не само за амбициите на екипата, туку и за тоа како треба да се организира клубот, а посебно за изградбата на стадионот, кај мене не постоеше дилема да го преземам Пелистер. Се договоривме да работиме на долги патеки и од Пелистер да направиме добар и организиран клуб. Ме радува што зад себе ја имаме поддршката на општината Битола и мислам дека кога ја имаме таквата поддршка не треба да постојат сомнежи дека Пелистер својата иднина ја планира на долги патеки, нагласи новиот шеф на стручниот штаб Ѓоко Хаџиевски.
Хаџиевски не сакаше на пресот да изнесува детали и поединости од договорот, или од неговите идни планови за тоа кој ќе му помагаат во неговата стручна работа и дали планира засилувањаво екипата. Тоа остави да го соопшти во наредните денови.
Инаку потпишувањето на Хаџиевски за Пелистер во Битола предизвика огромно воодушевување кај љубителите на фудбалот, а посебно кај навивачката група “ Чкембари”.
Б.В.
Фотографии: С. Ристевски