Don't Miss
Home / Uncategorized / Големи проекти или големи илузии

Големи проекти или големи илузии

Во моментот кога најголемиот број битолчани се прашуваат како да го преживеат следниот ден, а најголемиот број компании, особено од малиот бизнис, се на работ на опстанок, во Битола во последно време се нудат крупни проекти, чија изградба чини и по неколку милиони евра.

Веќе две децении се најавува модернизација на скијачкиот центар Нижеполе

Веќе две децении се најавува модернизација на скијачкиот центар Нижеполе

 

 

ПОВТОРНО СЕ НАЈАВУВААТ КРУПНИ ВЛОЖУВАЊА ВО БИТОЛА

 

Во една таква атмосфера на крајна воздржаност и голо опстојување, со особено внимание на битолската јавност, а и на љубителите на планината и на белите спортови, деновиве беше проследена промоцијата на студијата за економска оправданост на ЈП „Стрежево“ за вложувања во модернизација на скијачкиот центар од Нижеполе до врвот на Муза, на Пелистер, во вредност од над 9 милиони евра. Иако овој проект не е нов, неговото повторно промовирање пред битолската јавност само уште еднаш го актуализира прашањето што битолчани во последно време сѐ почесто си го поставуваат, до кога во Битола ќе бидат промовирани крупни проекти тешки по неколку милиони евра, без притоа да биде обезбедена финансиска конструкција за изградба.

– Проектот што сега го промовира ЈП „Стрежево“ не е нов. Напротив, можам слободно да кажам дека тој е чиста копија на мојот проект што јас го изработив кога Љубчо Георгиевски беше премиер. Тогаш, со цел да извлечеме пари од владата на Георгиевски, и искрен да бидам, да добиеме што поголем број гласови пред локалните избори, одлучивме да изработиме проект за развој на скијачкиот спорт и туризам од Нижеполе до врвот на Муза, на Пелистер. И тој голем проект, како и овој сега, го промовиравме во малата сала на Центарот за култура. Но иако тогаш тој доби голема поддршка, сепак не дојде до негова реализација затоа што, едноставно, за неговата изградба не беше заинтересирана владата и немаше заинтересирани инвеститори – вели поранешниот началник во одделението за урбанизам и познат спортски работник, Златко Стерјов.

Повозрасните љубители на планината и на планинарството во Битола, како и скијачите, добро се сеќаваат на тој проект на Стерјов. Но тие со подолго паметење добро се сеќаваат и дека тоа не беше прв проект за развој на скијањето на Нижеполе до врвот на Муза и дека многу години пред Стерјов таков проект имаше изработено големиот вљубеник во планината и во зимските спортови, сега веќе покојниот, прв директор на ЈП „Стрежево“, Томе Делов.

Тие што добро паметат и денес се сеќаваат на плановите на Делов да изгради скијачки центар од Нижеполе до Муза. Впрочем, во времето на директорувањето на Делов беа изградени сегашната скијачка патека, како и населбата во зимско-летниот рекреативен центар Нижеполе. Но токму поради немање пари двата проекти останаа само пуста желба на битолчани и тие беа оставени во архивите на „Стрежево“ да чекаат подобри времиња, кои, за жал, никогаш не дојдоа. Водени од желбата за развој на зимскиот спорт и туризам на Пелистер и на Нижеполе, битолчани многу лесно „се лепат“ на секоја идеја за вложувања на Нижеполе и на Пелистер. Во изминатите години многу проекти и планови се направени за развој на зимскиот спорт на оваа планинска убавица.

Воодушевени од убавините на Пелистер, во времето на поранешната Југославија дури и Швајцарците имале изработено проекти за развој на скијачкиот спорт на Пелистер и на Нижеполе, но за жал, од сето тоа не се случи ништо. Освен изградбата на детското одморалиште „Пелистер“ уште во седумдесеттите години и изградбата на хотелот „Молика“, на оваа планина не е вложено ништо.

Поради незаинтересираност или немање пари, на Пелистер со години се стопирани и работите за изградба на колекторскиот систем, а битолчани мораа да чекаат да профункционира жичницата по 5 години пауза, па во услови кога има снег колку-толку битолчани можат да скијаат на Копанки.

 

Дали поради административни или поради урбанистички пречки околу сопственоста на објектот, но најмногу поради немање пари, веќе подолго од две и пол години се застанати работите за реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, кој изгоре до темел.

 

Токму поради ваквите работи, кога станува збор за инвестиции за развој на скијањето или на зимскиот туризам на Нижеполе и на Пелистер, битолчани се мошне скептични.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*