Don't Miss
Home / Колумни / Големото уво

Големото уво

Само две години откако сегашниот премиер, Зоран Заев, а тогаш опозиционер ја откри аферата со прислушувањето на граѓаните во Македонија и почна со “бомбардирањето “ на тогашната власт на Груевски, Македонија деновиве повторно ја треси нов скандал со прислушување.

Овој пат мета на прислушување биле јавните обвинители и судиите за организиран криминал.

И само што ја соопшти веста за прислушувањето на обвинителите  првиот обвинтел во државата  Љубомир Јовевски,  како што  е вообичаено кај нас политичките партии почнаа жестотка вербална пресметка за тоа кој е виновен за најновиот скандал со прислушувањето на телефонските разговори во јавното обвинителство на Македонија и судиите во Основниот суд Скопје.

За разлика од многумина кои ваквата вест ги фрапира  мене таквата информација  воопшто не ме изненади.

Напротив, таа ми се чини дека е откриена многу доцна, откако ги снема хард дисковите од прислушуваните разговори.

Некој ќе рече зошто така мислам.

Кај нас прослушувањето  веќе одамна е  национален спорт. Кај нас последните години секој секого го прислушува.

Иако сите ние бевме и ми се чини дека сме свесни, дека Големото уво кај нас работи  речиси сите изминати 27 години, што би рекол Груевски 24/7, сепак прв кој имаше храброст да ја запознае јавноста со прислушувањето беше екс премиерот и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кога од говорницата на Парламентотот,  ни го презентираше дел од прислушуваните разговори од Големото уво.

И наместо тогашната  власт и опозицијата да се заложат за расчистување на случајот со прислушувањето,  сепак со амин  на покојниот претседател на државата, Борис Трајковски и екс министерката Доста Димовска во инетерес на заштитата на безбедноста на државата беше ставена ад акта на случајот и виновниците за прислушувањето не само што беа амнестирани од одговорноста, туку некои дури ги задржаа истите работни места.

Пред нешто повеќе од  две години сегашниот премиер,а тогаш опозиционер Зоран Заев кога тргна во пресметка со режимот на Груевски,  ја обелодени информацијата дека власта на Груевски прислушувала ни помалку ни повеќе туку 26.000 граѓани на државата, од кои над 80 отсто се од опозицијата.

И додека Заев се закануваше со снимените разговори и ги најави “бомбите”, Груевски му се спротистави дека тој се обидел да изврши “Пуч” во Република Македонија и ги обвини странските служби   дека со помош на внатрешни државни непријатели ги прислшувале граѓаните.

Подоцна сите ние бевме сведоци на “бомбите “ на Заев преку кои можевме да се убедиме како власта го практикувала водењето на државата и како не само што ја прислушувала опозицијата, туку се прислушувала и меѓу себе, што е  најдобра потврда дека нарачателот на прислушувањето, немал доверба во никој, па ни во своите.

Епилогот од овој скандал е познат. Владата на Груевски падна, а новоформираното СЈО  користејќи ги снимките од прислушуваните разговори настојува да расчисти со криминалот во државата, кој овој народ според некои проценки ја чини над 5 милјарди евра.

Но наместо со откривањето на оваа афера Македонија еднаш засекогаш да расчисти со сите кои беа инволвирани во најмасовното прислушуавње досега, ние дозволивме првите обвинети кои беа директно вклучени во овој скандал да избегаат од државата во Грција, а креаторот на таквото владеење, Груевски, да избега во Унгарија.

Иако во моментот во тек се неколку судски процеси кои се тесно поврзани со прслушувањето на граѓаните на Македонија, сепак се ми се чини дека и овој пат јавноста нема да дознае баш се кој и по чија наредба и како можел со години да ги прислушува.

Во ситуација кога и по две години сеуште многу прашања  во врска со прислушувањето кое го откри Заев се без одговор, а надвор од државата се првите луѓе вклучени во прислушвањето,  не знам зошто се чудиме дека деновиве ни се случи ново Големо уво.

Скандалот со инсталираната опрема за прислушувањето на јавните обвинители и судиите е само продолжување на скандалите со прислушувањата во Македонија.

Иако Македонија не е ни прва, ни единствена земја каде  прислушувањето се (зло)употребува за собирање сознанија за плановите на противниците, сепак навистина делува фрустирачки и загрижувачки една држава, која себеси се гледа во НАТО и ЕУ да не може да се заштити себеси, а и граѓаните од прислушување.

Новиот скнадал ќе предизвика бројни фрустраци не само кај тие кои се прислушувани, јавните обвинтели и судиите, туку и кај сите нас, граѓаните, кои веќе едноставно не можеме со децении слободно да разговараме по телефони(ни мобилни ни фиксни ),а кои сметки дебело ги плаќаме.

Нарушувањето на слободата и приватноста  на граѓаните без разлика на која позиција и функција се тие е навистина неопростиво.

Власта, а во таа смисла државата, која живее од парите на граѓаните мора да направи се еднаш засекогаш да го искорени прислушувањето кое кај нас како да стана национален  спорт.

Ова  е последен момент кога за ваквите скандали не треба да одговараат само тие кои прислушуваат, туку и тие кои дозволиле  во нивно време да се да се случува тоа. Повеќе ни една власт  не може да се вади себеси дека за прислушувањето е виновен политичкиот противник. Напротив мора вината да ја сноси тој во чие  време се сторил скнадалот.

Така мора да биде и сега, кога е во прашање прислушувањето на обвинителите и судиите, зашто некој дозволил тоа да се случува а без притоа  при техничкиот прием на објектите да не биде откриено.

Не може уште кај нас за се да биде виновен Груевски и Фамилијата. Време е актуеланта власт до темел да го разгради тој нивни систем, но и да  изгради институции  кои ќе знаат не само да ги заштитат државните интерси,  туку и интересите,  слободите и правата на секој поединец во државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*