Home / Спорт / Градското дерби за Пелистер: Пелистер – Еурофарм Работник 24:21 (12:12)

Градското дерби за Пелистер: Пелистер – Еурофарм Работник 24:21 (12:12)

Пред рекорден број битолчани, љубители на ракометот се одигра првото градско дерби во машката супер ракометна лига во кој домаќин беше екипата на Пелистер, а гостин Еурофарм Работник.

Ракометарите на двете екипи се однесуваа професионално и коректно и покрај спортскиот набој и ривалството.

Во спортската сала “Младост“ пред 4.500 гледачи, Пелистер го совлада Еурофарм Работник со 24:21, полувреме  (12:12) со подобар финиш во последните 20-тина минути.

Еурофарм почнаа подобро и преку Чурлевски и Караиванов поведоа со 0:2, а екипата на Касим Каменица полека фати приклучок и преку Чантурија и Димитровски во 10. минута поведе со 5-3.

Потоа Еурофарм Работник преку Адли, Барош, Караиванов и Златко Мојсоски направија серија 4:0 и на половина полувреме резултатот беше во нивна полза со +2, 6:8.

Следеа два гола на Вешовски од позиција на десно крило за 9:9 во 18. минута. Следеа десетина минути израмнета игра и полувремето заврши нерешено 12:12 и големи очекувања кај двете екипи.

И вториот дел започна со многу нервоза и технички грешки и игра гол за гол, но секогаш со предност за “работниците“, на моменти со два гола разлика.

Во оваа фаза на играта тренерот на Пелистер, Каменица го пренесе на теренот неговото големо искуство и се случи пресврт за победа.

Бојан Маџовски од контранапад во 41. минута погоди за 16:16 и десетто израмнување во мечот. Колев бранеше одлично и со мини-серија предизвикана од Павловиќ домаќините поведоа со 19:17 на 11 минути до крајот.

Следеа одбрани на Колев и неколку седмерци на Весковски за 23:18 и одлука околу победникот. До крајот “пелистерци“ без притисок го приведоа мечот до крајни 24:21.

Во екипата на Пелистер се истакнаа Колев со 11 одбрани, од кои два седмерци и Весовски со 6 гола, а кај Еурофарм Работник најефикасни беа Чурлевски со 5 и Караиванов со 4 гола.

Тренерот на Пелистер, Касим Каменица по победата во битолското дерби, а околу амбиентот и атмосферата рече:

-Воодушевен сум од гледачите и атмосферата, на теренот се водеше битка со голема тензија. Се согласувам дека двете екипи потфрлија, играчите беа оптоварени и не сум најзадоволен. Но, во победата не се гледа во заби, верувам дека ќе биде подобро. Колективот го доби мечот, не би сакал да издвојувам, во вистинските моменти одлучија нијанси на наша страна и среќен сум заради тоа.

Иван Марковски еден од тренерите на Еурофарм Работник спортски го призна поразот од од градскиот противник, Пелистер и потврди дека со толку промашени зицери не може да се победи ни многу послаба екипа, а камоли овој Пелистер.

-Заслужена победа на Пелистер, ние имавме добри моменти, но се уплашивме од победата и одговорноста ја преземаме јас и Александар Зарков. Со толку промашени зицери и седмерци, не може да се победи многу послаба екипа, а не Пелистер кој е многу квалитетна екипа. Пофалби за битолската публика и добро е што на премиерата видовме одлична посета. Нема тајни меѓу двете екипи и се очекуваше ваков развој на настаните, но пак ќе потенцирам дека потфрли средната бековска линија и во иднина треба тоа да го поправиме. Но, мора да бидеме реални, ова е ново за нас и верувам дека од натпревар во натпревар екипата ќе се подига. Треба да учиме од грешките и тоа да го исправиме во иднина. Мислам дека некои ракометари подлегнаа на притисокот, позната е армијата на навивачи на Пелистер и тоа ние го почувствувавме.

Двете екипи во следниот викенд продолжуваат со натпреварувањата. Еурофарм е домаќин, а Пелистер гостува во Прилеп.

Но мора да се каже и тоа дека оваа прва првенствена средба во Битола, во градското дерби покажа дека ќе има големо ривалство, кое да се надеваме дека ќе донесе само квалитетни средби и нови возбудувања кои долго време и недостасуваат на Битола.

Големиот број гледачи, полна сала со 4.500 големи љубители на ракометот покажаа дека Битола е ракометен храм и со не така силни екипи.

Битолчани оваа седмица имаа можност да ги гледаат тренинзите на селекторот Лино Червар кој во “Младост“ ќе тестира околу триесетина млади ракометари, а тоа значи и враќање на ракометната репрезентација во Битола по десетина години.

 

 

 

С.Р.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*