Екс премиерот Никола Груевски набрзо ќе треба да се упати во истражниот затвор „Скопје“, каде што треба да ја одлежи двегодишната казна, бидејќи и Кривичниот совет му ја одби жалбата со која бараше одложување на издржувањето на казната.
-Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалби истакнати од одбраната и обвинетиот во предметот со КОК бр. 59/17, од обвинителството означен како „Тенк“, изјавени против решението на судија за извршување санкции, денеска одржа седница на која по ценење на фактите и доказите во жалбите донесе решение со кое ги одби жалбите и го потврди решението на судијата за извршување санкции, велат од Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека решението е испратено до странките во постапката и истото е извршно веднаш по приемот од странките. Ова значи дека штом Груевски ќе го прими решението, веднаш треба да замине во истражниот затвор „Скопје“.