.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Uncategorized / Среќата е во малите нешта

Среќата е во малите нешта

Христина Фуна, магистер по економија, инаку, косопственик и финансиски менаџер во една од најдобрите и успешни компании во Битола, “Синпекс“, вербата во себе, максималниот ангажман во работењето, скромноста и смиреноста по која е препознатлива, ја издвоија пред неколку месеци како најуспешна жена-менаџер во Битола, на манифестацијата на Битолски весник, “Најуспешни битолчани за 2013 година“.

Како успешна ракометарка во детството, секогаш и давала предност на тимската работа и пред се на непосредниот пријателски однос со вработените во семејната компанија. Одлучна е во ставот дека семејството, сопругот и нејзините две деца и се најважните работи во животот, од каде ја црпи целокупната своја енергија. Таа ужива во малите ситници кои понекогаш нејзе и вредат цело богатство. Во ниту еден случај успехот не дозволи да и го замени семејството и секогаш наоѓа време за правилно да ги воспита своите деца. Зборовите “не можам“, “не сакам“ “не знам“, ја научил да не ги користи нејзиниот татко, ценет и почитуван бизнисмен во Битола, уште кога на 18 години започна да работи во семејната компанија. Истите совети, Христина им ги дава на вработените, кои заеднички со голема посветеност и ангажман, успееја да го направат “Синпекс“ вистински бренд кој важи за еден од најуспешните не само во Битола, туку и во државата.

Битолски весник:

Какви беа почетоците на “Синпекс“ кој успеа да прерасне во водечка компанија во Би-тола и пошироко?

Христина Фуна:

“Синпекс“ е семејна компанија, формирана во 1990 година, од мојот татко и брат, а четири години подоцна се приклучив и јас. На осумнаесет години започнав да работам во семејниот бизнис, веднаш штом завршив гимназиско образование. Татко ми отсекогаш не стимулираше со брат ми релативно млади да се вклучиме во бизнисот и да работиме.
“Синпекс“  е трговска компанија, која примарно се занимава со продажба на земјоделска опрема, градежна и опрема за паркови и градини. Застапници сме на околу десетина брендови од светски размери, што се број еден во овој дел на работа, нивните производи се на територијата на Македонија, а помал број во соседните земји.

Б.В.:
Годинава се проширивте со претставништва во Скопје и во Струмица?
Х.Ф.:
Освен во Битола каде што е лоцирано главното седиште на компанијата, се проширивме и отворивме претставништва во Скопје и Струмица. Опремата за градежни активности ни е стационирана во главниот град каде градежните активности се во една експанзија во последно време, додека пак во Струмица, отворивме претставништво за опрема за земјоделството, бидејќи Струмица од друга страна е водечка за земјоделство во државата.
Б.В.:
Кои се главно Вашите професионални задачи во компанијата?
Х.Ф.:
Во “Синпекс“ имам две функции. Воедно, сум и косопственик и финансиски менаџер. Главно сум сконцентрирана на менаџирањето на администрацијата во компанијата, секторите сметководство и финансии, додека, пак, како косопственик сум во тек со сите активности во компанијата и проблемите кои се јавуваат, а ги има од најситни до најголеми.
Во мојата работа практикувам да им поделам задачи на моите вработени и да го следам нивното завршување. Тековно на одредени вработени ако им е потребна помош им излегувам во пресрет, многу често јас одлучувам онаму каде што е тоа потребно и неопходно. Во меѓувреме се занимавам со финансиите во компанијата, приливот, одливот на средства, нивното менаџирање, се со цел фирмата да е рентабилна и успешно да функционира.
Б.В.:
Дали Вашиот татко Ви дал некој совет и сугестија која се трудите максимално да ја применувате во работењето?
Х.Ф.:
Татко ми беше многу скромен човек, секогаш со мојот брат не воспитуваше во тој дух. Моравме да бидеме многу искрени и фер кон купувачите, да настојуваме да не ги оштетиме, да бидат задоволни. Тие совети им ги пренесувам и сугерирам и на моите вработени. За татко ми не постоеше зборот “не можам“, “не сакам“ и “не знам“. Тие зборови не смеевме да ги користиме. Настојувам да бидам пријател со вработените, да не бидам шефот кој е ставен да им шефува, туку се трудам да сме тим кој работи за иста цел. Најчесто тимот со кој раководам има прашања, барања да се подобри работата, ми сугерираат за пропусти кои ги увидуваат при тековното работење итн.
Б.В.:
Кои се предностите во работата во една семејна компанија која долги години успешно функционира на пазарот?
Х.Ф.:
Предностите во своја компанија е што имаш своја цел и се обидуваш стопроцентно да ја исполниш. На крајот на краиштата, егзистираш од таа своја компанија. Предноста е затоа што имаш блиски луѓе до тебе кои можат да ти помогнат во секое време, се вложуваат на идентичен начин, понекогаш знае да се измеша приватниот живот и бизнисот и секогаш можеш да се потпреш на некој од семејството, да ти помогне во кое било време.

10564745_668093256608980_1043393436_n

Б.В.:
Компанијата “Синпекс“, пред неколку месеци, на манифестацијата “Најуспешни битолчани за 2013“ година, битолчани ја препознаа како бренд, а Вас Ве наградија со признанието жена- менаџер. Колку признанието од градот, од своите битолчани Ви е стимул во работењето?
Х.Ф.:
Морам да признам дека признанието ме направи многу среќна, а дотолку повеќе што граѓаните на Битола, читателите на “Битолски весник“ ме избраа и препознаа како најуспешна жена-менаџер. Несомнено, тоа ми донесе голема сатисфакција за во иднина и ми претставува дополнителна мотивација во менаџирањето на компанијата. Воедно, ми причинуваше големо задоволство што бев на манифестацијата.
Б.В.:
“Грижа за квалитетот“е мотото на “Синпекс“. Но, за една успешна компанија е подеднакво важна и кадровската екипираност…
Х.Ф.:
Кадровската екипираност ни е од исклучително значење. Во нашата компанија има спој на младоста и искуството. Во “Синпекс“ имаме вработени од 24 до 55 години. Сметам дека во секоја компанија мора да се спојат искуството со енергијата на младите. Младите, од една страна, носат друга енергија, нови правци на работа од новите современи времиња, ама, сепак, искуството е многу важно. Она што како компанија го правиме е интензивен развој на кадри. Не можеме да добиеме готов кадар надвор од компанијата, туку мораме самите да го развиваме.
Б.В.:
Колку професионалната надградба на кадарот, преку обуки, семинари итн. придонесува за развојот на компаниите?
Х.Ф.:
Тоа е битно во голем дел и тука многу сме насочени. Неодамна, ме фасцинира обука на клуб на бизнисмени, за претприемачи, каде како предавачи беа луѓе директно влучени во бизнис-секторот. Ме фацинира начинот на кој се држат обуките. Не стануваше збор за теоретско предавање, туку на тие обуки доста учите од луѓе кои се докажале во бизнисот, а имаат голем број вработени. Ги споделуваат искуствата. На едноставен начин пренесуваат кои замки или грешки можат да се јават при водењето бизнис. Да се надградуваат кадрите, како “Синпекс“ ни е многу битно. Тој јаз се чувствува, работиме со светски компании. Кај нив културата на работа, на однесување, е доста поразлична од кај нас, многу полагаат во обуки. Има проблем, работодавачите не се подготвени финансиски да ги обучат вработените, а и тие не се подготвени знаењето да го применат. Има недостатоци во факултетското образование, во практиката. Младите теоретски се потковани, но се доста слаби во практичното работење. Добар и квалитетен кадар во бизнис-секторот, е неопходен за напредокот на Македонија.
Б.В.:
Колку е важна поддршката од најблиските, од семејството?
Х.Ф.:
Успехот за мене е ако имаш семејство и успееш децата да ги насочиш на вистинскиот пат. Залудни се сите титули, успеси, ако имаш растурено семејство, во смисла децата да скршнат од вистинскиот пат. Во овој период да се одржиш на пазарот е голем успех за секој претприемач. Новото време, новите текови, наметнаа многу обврски и во делот на администрација и исполнување на законските обврски на фирмите, тоа прави своевиден притисок кај работодавачите. Ова е еден тежок период на наплата како последица од светската и европската должничка криза. Мој впечаток е дека на Македонија и се итно потребни добро образовани менаџери. Сметам дека ова што сега го поминуваме, Америка и развиените европски земји го поминаа многу одамна. Да се изразам фигуративно, некако “гладно“ ни е општеството за свежа менаџерска сила.
Б.В.:
Кога сте успешни во својата работа имате многу пријателства и познанства кои ги стекнувате преку кариерата, а и онакви кои сте ги задржале од најмали нозе. Колку Ви е битно пријателството?
Х.Ф.:
Многу сакам да прочитам добра книга. Особено во лето читам многу книги, а она што ме воодушеви неодамна беше книгата “Ловец на змаеви“ која искрено ме трогна. Книгата има јака порака за пријателството, погледот кон него од две различни страни. Факт е дека пријателството е многу битно во секојдневниот живот. Тоа е како витамин Б кое мораш често да го конзумираш. Го примаш најчесто од старите пријатели кои си ги стекнал од детството, кои ти го знаат цел твој живот, развој и точно ја имаат способноста да те видат онаков каков што си.
Моите деца ги воспитувам дека вредноста на нивниот карактер и тие како луѓе се најбитни во животот. Ги насочив на развој на нивната емоционална интелигенција и верата во Господ и правилата на нашата вера. Ако ги следат, а се идентични со моралните, етички правила кои владеат во светот и ако ја развијат таа емпатија и милосрдието кон останатите, ќе бидат добри луѓе. Имам правило, дека децата кога тогаш ќе научат да ја средат детската соба или да ја испеглаат својата маичка, но дека кога се мали треба да ја добијат човештината во себе, вистинските морални вредности: да си добар кон себеси, наутро да се разбудиш насмеан, сите околу тебе да ги поздравиш насмеан, да шириш позитивна енергија и секогаш да имаш позитивен пристап кон работите, да се држиш во границите на скромноста, да нема гордост, сите сме еднакви, да не ја осетиш злобата во себе, да не си завидлив кон другите луѓе. Не сме имуни од тие нешта, но мораме да се бориме, тоа во нас, во нашата душа, да не фати корен.
Б.В.:
Летото е период кога се патува и се ужива со нови места, нови средини. Кое место особено Ве импресионирало и секогаш сакате да му се вратите?
Х.Ф.:
Ерусалим! Никогаш не сум посакала да се вратам оттаму. Бев на седумдневно патување, пред неколку години. Некаде прочитав и апсолутно се согласувам со тоа дека Ерусалим е град кој постојан те враќа назад и бара да му се навратиш. Ме фасцинираа не градбите, архитектурата, туку она што секогаш го бараме, душата на местото. Факт е дека можеме да се враќаме каде што сме среќни. Таква ме прави, Ерусалим каде духовно се полнам, Италија, Јадранското приморје многу ме релаксира особено во лето.
Б.В.:
Што е она што Ви се допаѓа во Битола?
Х.Ф.:
Битола ми даде еден квалитетен семеен живот. Во Битола секогаш можеме да пиеме едно кафенце со пријателки, во меѓувреме да ги завршиме работните задачи. Ги сакам Широк сокак, Битола, концертите во лето на античка Хераклеја.
Б.В.:
Што е она што Ве прави среќна кога ќе ги завршите работните обврски?
Х.Ф.:
Секогаш по работниот ден, сакам да имам триесетина минути да бидам сама. Се “ресетирам“ после работа. Наоѓам време да се видам со пријатели, семејството, ги сакам излегувањата на мезе со пријателките по 19 часот. Уживам во мојата викендичка во Ниже Поле, ме одмора природата, воздухот и сакам со семејството и добро друштво да поминуваме квалитетно време.
Б.В.:
Која е Вашата порака до битолчани, до читателите на “Битолски весник“?
Х.Ф.:
Среќата е во малите нешта. Не можете да бидете со месеци среќни, туку во моментите. Им порачувам да проценат на што го трошат своето време, бидејќи тоа не стои, туку брзо одминува. Ти како човек можеш да се организираш да го искористиш најдобро што знаеш, а времето, лета. Да го трошат само на луѓе кои ги сакаат, да се среќни што се здрави, што можат да функционираат, а најбитно од се е да сме среќни со своите околу себе.

Автор:  Васка. М.Младеновска

Фотографии:  Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*