Поранешниот советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Јордан Ристески, призна вина денеска пред судот како обвинет во предметот на СЈО за насилствата во Општина Центар. За време на расправата во судот дали да се одложи рочиштето, поради отсуство на адвокатот Дончо Наков, Ристевски стана од своето место и објасни дека одлучил да признае вина откако ги разгледал доказите против него.
„Ги видов доказите и сакам да изјавам дека сфаќам за што сум обвинет. Се чувствувам виновен и се каам за делото“, изјави петтобвинетиот Ристески.
Неговиот адвокат Боро Тасевски му го откажа полномошното со образложение дека не може да биде бранител на лице кое дава контрадикторни изјави.
Ова е второ признание во судот за овој предмет откако истото го стори и се уште актуелниот советник на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, Томислав Лазаров. Со тоа на Лазаров му се судеше во издвоена постапка, а минатата недела беше изречена и прва пресуда во овој предмет. Лазаров беше осуден на условна казна од шест месеци.
Специјалната јавна обвинителка побара издвоена постапка и за Ристески.
Денешното рочиште, каде што првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, беше одложено бидејќи еден од адвокатите на одбраната е на патување. Следното рочиште ќе се одржи на 7ми декември.