Don't Miss
Home / Градска хроника / И моликата немоќна пред загадувачите

И моликата немоќна пред загадувачите

Ниедна граѓанска иницијатива што досега била поттикната во Битола не ги анимирала толку многу битолчани како онаа на група млади битолчани „Сакаме чист воздух во Битола”. Иако се мислеше дека и оваа акција, која иницијаторите ја поттикнаа пред повеќе од еден месец на својата фејсбук-страница, како и многу други слични пред неа, ќе трае само до првата прес-конференција, сепак од ден на ден таа добива сѐ помасовна поддршка кај битолчани и моментно бројот на поддржувачи изнесува над 11.000, што е сериозна бројка.

Масовна поддршка

Таквата масовна поддршка пријатно ги изненади сите битолчани, кои сакаат чист воздух во Битола и кои во голем број ја поддржуваат иницијативата што се води под мотото „За нас се работи”. Кога сфатија дека се работи за сериозна иницијатива, која анимира голем број битолчани, општинските власти набрзо темата за загадувањето на Битола ја ставија на дневен ред на седница на Советот, а епилог од седницата е формирањето на Консултативното тело за следење на состојбата со (аеро)загадувањето на Битола, во кое покрај членовите на Комисијата за екологија, формирана од Советот, влегоа и неколку стручњаци и експерти од РЕК „Битола”, Техничкиот факултет, Центарот за јавно здравје, Клиничката болница, како и од невладината организација „Биосфера”. И токму таа седница, на која се формира Консултативното тело на Советот на општината Битола, на виделина ги исфрли сите поделености, разногласија и разидувања на власта и опозицијата, кога станува збор за (не)решавањето на овој проблем.

pres 1

На седницата, на која требаше советниците со своите дискусии да ги изнесат своите видувања и предлози како Битола да се справи со проблемот на загадувањето, кое во последно време добива загрижувачки размери и однесе многу жртви, советниците со своите „отровни” и партизирани политички дискусии уште повеќе ја загадија атмосферата. Со тоа се потврдија предвидувањата на обичните граѓани на Битола дека и оваа граѓанска иницијатива, која има благороден карактер, политичарите ќе ја искористат за нивна меѓусебна политичка пресметка.
Во ситуација на политичка поделеност иницијативниот одбор, кој засега се дистанцира од секакви политики и се труди да остане чисто граѓански, одби да учествува во работата на Консултативното тело и продолжи сам да се бори за почист воздух во Битола, а во работата на Консултативното тело учествува само како посматрач.

 

Загрижувачки наоди

Иако засега ни од иницијативниот одбор ни од Консултативното тело не сакаат да истрчуваат во јавноста со свои тврдења кои се најголемите загадувачи, сепак битолчани посебно се загрижени кога иницијативниот одбор деновиве излезе во јавноста со податоците што се содржани во анализата на фирмата „Технолаб” од Скопје, која пред две години, по барање на Министерството за животна средина, вршела испитување колкава е емисијата на тешки метали во воздухот во Битола.

Податоците до кои преку стандардизирани процедури дошле истражувачите откриваат дека РЕК „Битола” загадувал повеќе од сите други загадувачи во Македонија заедно.

Истражувањето и анализите покажале дека РЕК „Битола” емитувала во воздухот најмногу олово, 862,24 килограми годишно, а според медицинските стручњаци, оловото е сериозна закана за здравјето на луѓето и може сериозно да му наштети речиси на секој орган на човечкото тело. Според мерењата на „Технолаб”, РЕК бил на врвот на црната листа загадувачи во земјава и кога се работи за кадмиумот со измерени 100,60 килограми годишно, како и по измерените количества жива во воздухот во Битола.

По обелоденувањето на ваквите алармантни податоци битолчани со право деновиве се прашуваат зошто јавноста на Битола никогаш не била информирана за ваквите податоци, а се поставува прашањето и зошто сите овие години молчело и Министерството за животна средина, кога ги добило резултатите од истражувањето. Покрај ваквите алармантни податоци, битолчани ги загрижува и тоа што, според официјалната страница на Министерството за животна средина, мерните станици за мерење на квалитетот на воздухот во Битола покажуваат високи концентрации на штетни честици во воздухот, кои се поголеми дури за неколку пати.

Токму ваквите податоци беа причина Консултативното тело да одржи стручна расправа за загадувањето на воздухот во Битола, на која говореа и стручњаци од нашиот најголем електроенергетски комбинат. Од РЕК „Битола” истакнуваат дека податоците на „Технолаб” не треба да се земаат здраво за готово и дека овој комбинат во последно време вложува доста средства и знаење за модернизирање и за осовременување на опремата и на процесот на производство, со што се намалуваат штетните гасови, а во тек е модернизацијата на котлите на блоковите 2 и 3.

– Грижата за загадувањето на Битола е наша постојана грижа. Впрочем, покрај тоа што ние сме работници на РЕК „Битола” и ние сме граѓани што го дишеме истиот воздух и водиме сметка за нашето здравје и здравјето на нашите најблиски. Сѐ што правиме во комбинатот во последно време, покрај зголемувањето на производството и одржувањето на стабилноста на електроенергетскиот сектор, е и сведувањето на загадувањето на воздухот во минимални граници – нагласува д-р Тони Паспаловски, директор во комбинатот.
Според д-р Зоран Јошевски, професор на Техничкиот факултет во Битола, најголеми загадувачи се возилата, кои во градот ги има во огромен број, но за загадувањето на воздухот во градот под Пелистер многу придонесува и начинот на загревање на домовите, особено откако многу домаќинства се определија за загревање на дрва.

Референдум за решавање на проблемот

Од иницијативниот одбор „За чист воздух во Битола” уверуваат дека се цврсто решени да истраат докрај и, ако не се справат, барем да го ублажат загадувањето на воздухот во Битола. Тие не кријат дека не се задоволни од начинот на кој по нивното појавување со иницијативата се третира овој проблем и дека проблемот нема да се реши само со тоа што се формира Консултативното тело и со празни дебати. Потребни се практични чекори, велат тие.

Воедно, од иницијативниот одбор уверуваат дека, доколку на овој проблем не му се пристапи со сета сериозност, тие наскоро ќе иницираат референдум во Битола и на тој начин ќе ја повикаат целата битолска јавност да им се придружи во настојувањето на овој проблем да му се даде соодветно внимание.

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*