Молкна перото на доајенот на битолското и македонското новинарство, Димитар Димитровски-Такец.
На 93 годишна возраст овој непресушен битолски новинар, публицист, хроничар и истражувач замина меѓу легендите.
Зад себе остави богато творечко дело, повеќе книги посветени на родниот град Битола, 20 музички композиции, а имаше организирано и 16 самостојни изложби. Минатата година го објави своето животно дело, монографијата за Битола, „Перформансите на Широк Сокак”, на 725 страници со 59 подглавја кои нудат стотици информации за животот на Битола низ вековите.
Обемната монографија ја пишуваше во последните години од својот живот иако имаше слаб вид.
Со смртта на Димитровски битолчани останаа без еден од најголемите хроничари на градската историја. Новинарите останаа без соговорник кој во малото прсте ги имаше информациите за градските пулсирања низ минатото. Беше вешт говорник, раскажувач со моќен стил, сугестивен репортер и комантатор.
Најголемиот дел од работниот век го помина во весникот „Нова Македонија “ како дописник од Битола, но имаше снимено и емисии во локалните телевизии за позначајни настани и личности од градот.
Се верува дека Такец ги напиша едни од најубавите прикани за афирмација на Битола, кои и до денес привлекуваат туристи. Тој прв го објави текстот за љубовта меѓу таткото на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататутк и битолчанката Елени Каринте.
Потоа од неговото перо произлоегоа текстовите за доаѓањето на големиот композитор Вагнер во Битола, на актерката Сара Бернар, животот на Еврејката Сара,битолчанката Марика турски каранфил и многу други интересни теми.
Димитровски беше добитник на повеќе награди.
Нашиот почитуван колега беше погребан денес на Буковските гробишта во Битола. Замина, но ни го остави богатото творештво кое ќе сведочи за оргинално новинарско перо кое беше доказ дека најголемите приказни лежат во обичните луѓе, во пулсирањата на градскиот сокак, а не во партиите и политичарите.
Почивај во мир.
Регионален центар на ЗНМ-Битола
Координатор,
Жанета Здравковска