Don't Miss
Home / Македонија / Иванов: Нема да дозволиме ескалирање на состојбата

Иванов: Нема да дозволиме ескалирање на состојбата

Нема да дозволиме ескалирање, рече претседателот на државата Ѓорѓе Иванов веднаш по завршувањето на Седницата на Советот за безбедност чии заклучоци подоцна ќе бидат соопштени.

Врховниот командант и претседател, Ѓорѓе Иванов по завршувањето на состанокот на Советот за безбедност, каде присуствуваа сите лидери на политичките партии, освен ДУИ и ДПА кои имаа своите претставници, изјави дека во наредниот период е потребна подрршка од граѓаните, политичките партии, медиумите и меѓународната заедница.

– Спречена е намерата за координирани терористички напади на различни локации во државата, кои имаа за цел предизвикување сериозна дестабилизација, хаос и страв. Со преземената акција полицијата имаше за цел да спречи и цивилни жртви. Заради ова, беа претрпени човечки и материјални загуби. Во изминатиот период имав безбедносни консултации на редовна, но и на вонредна основа, за намерата на оваа група, при што беше констатирано дека оваа група нема поддршка ниту во Република Македонија, ниту во регионот. Знаевме дека групата е сочинета од екстремно-криминални поединци со исклучително воено искуство и вештини. Во ниеден момент и на ниеден начин не ги потценивме, ниту можноста, ниту намерата и капацитетите на оваа група да извршат терористички напади. Затоа беше со толкав обем и акцијата за нивно неутрализирање. Затоа, за жал, плативме висока цена со човечки животи.За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат, рече Иванов, кој на самиот почетокот од обраќањето изрази далбоко сочуство до загинатите полициски службеници.

Тој извести дека е констатирано дека групата нема поддршка во земјава, а и од регионот, надополнувајќи дека се работи за искусни и вешти членови во групата.

– На Македонија овие два дена и се случи она на што предупредував уште неколку месеци во моето обраќање на Советот за безбедност во ОН. Сторителите и сите инволвирани во овој терористички чин скапо ќе платат затоа што се обидоа да и го сторат на РМ и нејзините граѓани. Сакам јасно да ставам на знаење нема да дозволиме ескалирање на тензиите. Правиме се што е потребно за да не дојде до дестабилизација на државата и нарушување на меѓуетничките односи – рече Иванов.

Зборувајќи за поддршка од меѓународната заедница, напомена дека со години се опоменувани дека стагнацијата со евроантлантските интеграции може да се предизвика проблеми, и затоа ги повика НАТО и ЕУ да се ангажираат за да ги деблокираат евроантлантските интеграции. Ги повика лидерите на политичките партии да разговараат за надминување на кризата, притоа жалејќи што морало да дојде до ваква ситуација за да се седне на заедничка маса.

– Република Македонија била фактор на стабилност и соработка во регионот и пример за меѓуетнички соживот. Тоа не смееме да го нарушиме. Треба да одиме напред, а не назад, затоа што Република Македонија е единствената заедничка татковина што ја имаме – рече Иванов.

 

 

Извор: Нова Македонија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*