Don't Miss
Home / Колумни / Како дојде независноста?

Како дојде независноста?

Пишува:Јанко Бачев

Осамостојувањето на Македонија беше апсурден случај на меѓународната сцена бидејќи станавме самостојна држава наспроти желбата на македонскиот државен врв, кој до последен момент се залагаше за СФРЈ, и тоа од оправдани причини: тогашниот претседател Глигоров дојде од Белград како делегиран човек, за да се обиде да го спречи осамостојувањето, а кога се беше јасно со распадот на СФРЈ, Глигоров дури во декември 1991 воскликна – Македонија е се што имаме?!

Тогашниот собраниски претседател Стојан Андов промовирајќи ја својата партиска платформа во тоа време обзнани дека е можна суверена Македонија, но, само во рамките на  суверена Југославија. На 8 август 1991, Андов на средбата со претседателите на општинските собранија пред одржувањето на референдумот за самостојна Македнија изјавува дека со референдумот ние во никој случај не одиме на отцепување на Македонија. Дури, на 8-ми септември 1991 година, Стојан Андов во попладневните часови брзопотезно го напушти Скопје при што вечерта преспива во Дојран, за наредниот ден, рано сабајле ја напушти државата заминувајќи во Грција.

Третиот дел – експертската влада на Никола Кљусев во тоа време беше еден интересен спој на министри, од кои еден дел имаа надежи за независна Македонија, еден дел на врска со Бугарската национална разузнавачка служба и еден дел на врска со КОС.

Интересно е што самостојноста на Македонија останува „заслуга„ на реформираните комунисти од СКМ-ПДП и СРСМ на Стојан Андов, кои беа со платформа и оценка дека Југославија ќе се одржи, додека пак ВМРО-ДПМНЕ кое се залагаше за суверена држава, македонско државјанство, пасош, војска, право на самоопределување до отцепување… во клучните моменти беше нем набљудувач на процесите, иако во тој момент имаше најголем број на пратеници во Собранието.

Како и да е, на тогашниот државен врв, меѓународните процеси не им одеа во прилог, бидејќи, наспроти нивните залагања, моќните светски актери имаа зацртано дека СФРЈ мора да се распадне по секоја цена. Независна македонска држава фигурира(ше) во американските интереси во регионот, а во тоа време во новонастанатите околности најмоќна сила остана САД, додека Русија ослабена се повлече од глобалната  сцена  во националните граници.

Инаку, претседателот Глигоров дури во декември 1991 година ја отвори својата последна карта – независна Македонија, откако ЕЗ на состанокот во Брисел од 16 декември 1991 година донесе декларација со која побара од југословенските републики да се изјаснат дали ги прифаќаат поставените услови за признавање кое ќе се применува од 15 јануари 1992 година со што се означи крајот на СФРЈ.

Со еден збор, македонски челници до последен момент се залагаа за зачувување на СФРЈ, но кога стана очигледна дисолуцијата се тргна по сопствен пат.

Збор-два и за референдумското прашање.

Собранието на 6 август 1991 година донесе одлука за референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат за прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија”.

Европските авторитети ваквото референдумско прашање со „додавка” го протолкуваа во смисла дека Македонија со референдумот се определи за суверена држава, но, во рамките на асоцијацијата на југословенските држави. На 7 декември 1991 година до претседателите на југословенските републики е упатен извештај од Арбитражната (Бадинтеровата) комисија во кој се констатира дека Македонија со референдумот се определи за суверена држава во рамките на асоцијацијата на југословенските држави, за разлика од Словенија и Хрватска за кои во извештајот јасно е забележана нивната волја за независност.

Во овој контекст, евидентна е коректноста на Роберт Бадинтер, бидејќи подоцна во Мислењето број 6 на Комисијата од 11 јануари 1992, во делот каде се оценуваат клучните документи врз основа на кои се препорачува признавање на Македонија од ЕЗ не се спомнува референдумот од 8 септември 1991 и проблематичното референдумско прашање, со кое, како да прашавме – ако може во Југославија..

Накратко и за наводната опасност од војна во Македонија и наводната поделба на земјата од страна на соседите.

Во тоа време нема реална воена закана од Бугарија, Албанија или од Грција која како членка на НАТО би војувала со Македонија во услови кога нашата самостојност се вклопуваше во интересите на САД како водечка сила во НАТО, или, пак, од Србија, која преку ЈНА (во тоа време веќе е под контрола на Србија и составена само со српски војници), само блефираше со можна воена ескалација и во Македонија.

Дури, соседите од свои интереси повеќе ја посакуваа самостојноста на Македонија отколу да ја видат на страната на спротивниот ривал (кај некој од соседите).

ЈНА всушност никогаш и немаше концепт да отвора ново воено жариште и во Македонија и тоа не како резултат на некакви алтруистички причини, туку заради немањето доволен капацитет за отворање на трет фронт и во Македонија како и реалниот интерес на Србија спрема БиХ во која 40% отсто од населението се Срби, отколку за Македонија каде 2% отсто од населението се Срби.

Впрочем, тоа може да се види и од повлекувањето на ЈНА која, според договорот требаше целосно да си замине од РМ на 15 април 1992 година, а си замина и порано во март поради најавата дека ЕЗ ќе ја признае БиХ (што и се случи во Луксембург на 6 април 1992) и потребата делот од ЈНА од поранешната Трета армиска област (Косово и Македонија) да се лоцира благовремено во БиХ за да ја започне тамошната војна.

Бидејќи, веднаш по повлекувањето од Македонија, ЈНА ја започна војната во БиХ по нејзиното признавање од ЕЗ, тогаш јасно е дека ЈНА немала замисла и моќ да отвора нов фронт и во Македонија.

Затоа, прашањето  зошто немаше војна во Македонија, треба да се гледа од аспект на стратешките интереси на ЈНА (Србија) за војување на другите жаришта на југословенски простори отколку како резултат на наводната мудра политика на државниот врв во тоа време.

Дури, државниот врв во тоа време (кој е во силни релации со КОС како и впрочем македонската Служба за државна безбедност која е филијала на Белград до 1995 откога американската ЦИА целосно ке завладее во регионот), е соучесник со ЈНА во крвавата војна во БиХ бидејќи дозволи целото оружје и нафтени залихи да заминат со ЈНА иако постоеше начин како да се сочуваат, но, за ова во друга пригода.

Најсумарно, тоа се фактите за македонската независност. Се разбира, секој има право на сопствено мислење, но, никој нема право на сопствени факти.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*