Изненадена сум од барањето за притвор, но верувам во правниот систем, со овие зборови поранешната министерка за култура Елизабета Канческа- Милевска пред апелационите судии ги оспори мерките за претпазливост што и ги определи Кривичниот суд, наместо бараниот притвор од Специјалното обвинителство. Обвинета е во предметот „Тендери“ кој се однесува на наместен тендер за изградба на Музејот на ВМРО за злоупотреба на службената положба. Нејзините адвокати тврдат дека пасошот и е потребен за службени патувања и дека нема основ за мерката која ја бара СЈО. Канческа рече и дека не планира да избега ќе ја докаже својата невиност.
„Не постои ниту најмала причина, ни момент кој води во насока на попречување на самата постапка бидејќи секогаш уредно сум се јавувала на поканите на СЈО. никогаш не се случило да некоја покана биде оправдана со некое мое патување. Секогаш претставниците од СЈО биле примени лично од мене во мојот кабинет додека ја вршев функцијата министер за култура. Јас лично сум ги примала“, рече Канческа-Милевска.
Специјалното обвинителство смета дека казната што и се заканува претставува можност за бегство и затоа бара притвор за Канческа Милевска. Во случајот се обвинети уште две други вработени во Министерството дека како членови на Комисии за јавни набавки го оштетиле државниот буџет. И за второобвинетата Лидија Лазарова СЈО бараше притвор кој е преиначен во мерки за претпазливост. И таа пред апелационите судии си го бараше пасошот назад. Во случајот со теретообвинетата имаше само нејзина жалба поради определените мерки кои ги побара Oбвинителството, а се прифатени.
„Значи ние ги наведовме нашите аргументи кои сметаме дека постојат за определување најстрога мерка затоа што овде влијаат многу околности за определување на таа мерка. Одбраната наведе дека нема да бегаат дека имаат цврсти врски но од друга страна во сите три случаи инсистираше на враќање на патната исправа а тоа е прилично апсурдно во ситуација кога наведува дека цело време се тука со нивните семејства“, изјави обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски.