Судиите од скопскиот основен суд Скопје 1, во текот на вчерашниот ден одлучуваа за притворот што го побара СЈО при поднесувањето на 17-те нови обвиненија. Според она што е познато, помеѓу лицата за кои се бара притвор се поранешен премиер, ексминистри и други високи функционери од поранешната влада. До затворањето на денешниот број од весникот сѐ уште немаше официјална информација од судот дали е донесена одлука за некои од барањата. Она што е познато е дека и во текот на вчерашниот ден во судот се носеа материјалите и доказите за предметите за кои СЈО поднесе обвиненија.
Додека судиите одлучуваа, во четвртокот вечерта и вчера поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се собираа и протестираа на булеварот пред судот.
Со 17-те обвиненија, за вкупно 18 предмети што беа поднесени, опфатени се 94 лица и седум правни лица.
Исто така, познато е и кај кои судии се распоредени предметите на СЈО, односно кој ќе одлучува за обвинителните акти.
– Кај судијката Лидија Петровска е предметот „Тарифа“, кај судијата Горан Бошевски се предметите „Трезор“ и „Тенк“, кај судијката Верка Петковска е предметот „Титаник-2“, кај судијката Ленка Давитковска е предметот „Топлик“, кај судијата Ивица Стефановски е предметот „Тендери“ и кај судијката Татјана Михајлова се предметите „ТНТ“ и „Траекторија“ – соопштија од судот.
Рокот за одлучување за барањата за притвор беше 24 часа, но според неофицијалните информации, кои се појавија во текот на вчерашниот ден, тој би можел и да се одолжува поради големиот број лица за кои се бара притвор или други мерки на претпазливост.