Палењето на автомобилот на членот на СДСМ и активист на оваа партија, Маријан Јовановски, инаку, во последно време “активен” критичар на власта на социјалните мрежи, беше повод денеска за меѓусебна политичка пресметка, на двете најголеми политички партии во Битола.
На прес-конференцијата на СДСМ, потпретседателот на партијата, Александар Кирацовски остро осудувајќи го палењето на автомобилот на нивниот член, побара од полицијата случајот што побрзо да се расчисти.
– Со оглед на тоа што возилото на Јовановски беше опожарено по масовниот митинг на СДСМ во Битола и обелоденувањето на скандалозните докази за инволвираност на локалната и извршната власт во противзаконски и криминални цели, со право јавноста во Битола реагира: Дали на власта и пречи Марјан Јовановски? Јовановски е еден од најактивните критичари на оваа власт, кој со својата досетливост и остра критика кон власта стана познат и на државно ниво.
Активен е по социјалните мрежи со пародична критика кон власта. Очекуваме од чесните вработени во Министерството за внатрешни работи, а убедени сме дека такви има, професионално, да го расфетлат сомнителниот случај во којшто е запалено возилото на истакнат активист на СДСМ во Битола. Очекуваме од одговорните расфетлување на вчерашниот кукавички инцидент што треба да даде одговор дали критичкиот активизам на Јовановски е причината за истиот ?!- истакна на прес-конференцијата, потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.
На пресот со новинарите, сопственикот на опожареното возило, Маријан Јовановски ги негираше шекулациите во јавноста дека добивал закани.
Маријан Јовановски, сопственик на опожарениот автомобил
-Ниту некому сум направил некакво зло, ниту некому должам пари, ниту пак ми должат.
Единственото што правев во последниот период е тоа што сериозно ја критикував власта- изјави Јовановски.
Б.В.