-Тешка е одлуката за човек да се исели од сопствената држава, но многумина од младите ја донесоа, затоа што уште поголема беше тешкотијата да се живее во држава, која на младите не им нуди ама баш ништо. Тоа мора заедно да го менуваме! Нема да биде лесно, но со нашиот “План за живот” во Македонија, со многу труд и посветеност ќе успееме! Ова го истакна потпретседателот на СДСМ и дополнителниот министер за инфрматичко општество Александар Кирацовски на денешната прес конференција во Битола.
-Нашиот план, за младите, е вграден во делот од програмата „Гаранцијата за млади”. Со неа предвидуваме за период од четири месеци, по завршувањето на школувањето, или станување невработен, секој млад човек да добие понуда за вработување, шанса да го продолжи образованието како и можност за соодветна обука!
За сите оние кои сакаат да бидат сами свои газди, доволно ќе биде да имаат само добра и одржлива бизнис идеја и државата ќе ги поддржи со неповратни 10.000 евра! Но не само тоа, туку и со консултантска, просторна и административна поддршка за период од две години, додека бизнисот не застане на здрави нозе. Сите тие ќе можат да отворат фирма само со 1 евро влог, а ќе можат да конкурираат и за поволен кредит до 15.000 евра со само еден отсто камата и долг период на отплата.
Со нашата програма родителите нема повеќе да зависат од работодавачите и ќе имаат гарантирана минимална плата од 16.000 денари која заедно со другите мерки ќе продуцира просечна плата од 30.000денари.
Секое ново вработување ќе биде стимулирано со финансиска поддршка од108.000 до 162.000 денари, рече Кирацовски.
Според него со програмата бизнисмените ќе бидат мотивирани да инвестираат и вработуваат со 140 милиони евра предвидени за младите. Пензиите на бабите и дедовците на младите нема да зависат од милостината на политичарите, туку согласно закон ќе се покачува два пати годишно, согласно порастот на трошоците за живот за достоинствена старост! Семејствата кои од различни причини привремено се наоѓаат во ранливите категории на граѓани, социјалните случаи, ќе бидат поддржани со финансиска помош до 12.000 денари, додаде Кирацовски.
Според Крацовски, кога СДСМ ќе дојде на власт по 11 декември, во Република Македонија ќе владее правото и правната држава, криминалците ќе одговараат, а праведните ќе бидат почитувани.
Здравството и образованието ќе добијат вистинското внимание и сериозна реформа кон квалитетот, истакна на денешната прес конференција Александар Кирацовски.
Б.В.