-Според информациите кои секојдневно доаѓаат до мене, а се однесуваат на злоупотреба на службената положба и ставање на истата во функција на владејачката партија, вработените во училиштата во Битола се под страшен притисок. Пријавите кои доаѓаат се и од вработените и од родителите, а и од учениците. Имено во сите овие институции се вршел и се уште се врши притисок врз вработените, истите да бидат кворум на митинзи на ВМРО-ДПМНЕ и да собираат по неколку сигурни гласачи. Една од директорките на едно средно училиште ги наведувала дури и учениците и малолетниците кои учествувале на партиски активности и тоа за време на настава, изјави денес во Битола дополнителниот министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.
Тој на денешната прес конференција во Битола, јасно им порача на раководителите веднаш да прекинат со таквите активности и да си ја гледаат работата за која земаат плата.
– Тие не смеат да бидат маша во рацете на криминалната власт, затоа што никој нема да ги спаси од одговорноста. На овој начин стануваат соучесници во криминалните активности на поединци во власта, а со тоа можат да се соочат дури и со казна затвор. Ја уверувам јавноста дека ќе направиме се изборите на 11ти декември да го отсликаат реалното расположение на граѓаните, порача Александар Кирацовски.
Б.В.