Don't Miss
Home / Вести / Коњановски на претседателката на Советот Илиевска и најави кривична пријава, а таа побара од него да си поднесе оставка

Коњановски на претседателката на Советот Илиевска и најави кривична пријава, а таа побара од него да си поднесе оставка

И покрај тоа што градоначалникот на Битола, Тони Коњановски по којзнае кој пат, повторно побара обединување на советниците околу прифаќање на проектите за развој на Битола, сепак, на вчерашната седница на Советот уште еднаш се потврди нетрпеливоста меѓу претседателката на Советот Габриела Илиевска и градоначалникот Тони Коњановски.

Тој од советничката говорница порача дека време е за локално обединување и Советот да биде функционален и да работи во интерес на граѓаните. Коњановски повика на разум, меѓусебен респект и почит.

-Граѓаните се тие што даваат глас и позиција и сите ние треба да работиме во интерес на градот, не за личен интерес. Советот мора да работи во интерес на проектите за граѓаните, а тоа значи дека треба да се стават на дневен ред и да се изгласаат точките за велосипедските патеки, реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“, да се овозможи непречено работење на јавните претпријатија. Но, за да добие Советот шанса да гласа, потребно е точките да се стават на дневен ред од претседателката Илиевска. Но, имајќи предвид дека предлог точките не се ставаат на дневен ред, сакам да ја информирам јавноста дека денес ќе поднесам кривична пријава против претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска заради кршење на Деловникот и непостапување согласно Законот за локална самоуправа-рече Коњановски и додаде:

-Денес, кога на дневен ред е завршната сметка за 2023 година, сакам да потсетам дека кварталните извештаи не беа усвоени од новото мнозинство во Советот. Токму затоа, очекувам денес да не ја усвојат завршната сметка за 2023 година, бидејќи таа претставува сублимат на изнесеното во кварталните извештаи. Со неусвојувањето на завршната сметка се создаваат услови Советот да се распушти и да се распишат нови избори за советници. Доколку, новото мнозинство одлучи да ја изгласа завршната сметка за која СДСМ, „Поинаку“ и останатите коалициони партнери од новото мнозинство тврдат дека е резултат на неработењето на градоначалникот, тогаш самите ќе се демантираат и ги демантираат сите нивни обвинувања, а само советничките паушали ќе им бидат единствениот мотив-рече на седницата на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски.

Претседателката на Советот, Габриела Илиевска рече дека пред помалку од еден месец во градот почнале да се шират како што ги нарече евтини приказни од градоначалникот и неговите соработници дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја гласаат завршната сметка и дека утре да се распишат избори за советници, тие се подготвени да освојат повеќе од 16 советници.

Па така, да можат самите да владеат со градот, да управуваат со парите на битолчани како што само тие посакуваат. Во изминатиот период бевме сведоци дека советниците не доаѓаа на комисиите иако за тоа се платени од битолчани, само со една цел да се прикаже дека на тие комисии се навредува администрацијата а напротив таму се разгледуваат оние прашања што ги засегаат битолчани. Завршната сметка е еден технички документ, што дури и приватните фирми мораат да го достават на крајот од годината за да се има увид. Почитуван градоначалник, завршната сметка е исто како во кафеана ако одите на ручек а не сакате да си ја потпишете и истата сметка кога ќе биде усвоена или не, тоа не значи, дека некој нешто прифаќа. Доколку сте толку силни и сметате дека можете да освоите повеќе од 16 советници, дали денес сте подготвени од оваа говорница да си поднесете неотповиклива оставка од градоначалник и сите заедно да одиме на предвремени локални избори?-рече претседателката на Советот, Габриела Илиевска.

За Коњановски завршната сметка на Општината да се поистоветува со некаква сметка во кафеана е недопустливо.

Тука не сме за да правиме циркус пред граѓаните, туку да работиме. Малку почит претседателке кон институцијата градоначалник. Пред вас не стои Тони Коњановски туку институцијата градоначалник на Општина Битола-му возврати Коњановски.

Доколку на вчерашната седница не беше изгласана завршната сметка на Општина Битола за 2023 година, се исполнуваше еден од условите за распуштање на Советот на Општина Битола.

Градоначалникот Коњановски деновиве во неколку наврати предупредуваше дека голем број проекти за кои се добиени грантови остануваат нереализирани, а отежнато е и функционирањето на јавните претпријатија.

-Доколку на дневен ред не бидат поставени и изгласани точките за кофинансирање на велосипедските патеки преку проектот „Смарт фор ју ту“, измени на развојните планови во буџетот, планови за работа на јавни претпријатија, за да се одблокираат процесите во Општина Битола, очекуваме дека сегашното мнозинството во Советот на СДСМ, „Поинаку“, Левица, ДУИ и ДОМ, да не ја усвојат завршната сметка на Општина Битола и со тоа настапуваат услови за распуштање на Советот и организирање на нови избори-соопшти пред денешната седница ВМРО-ДПМНЕ, која пред неколку месеци го изгуби мнозинството во Советот на Општина Битола.

Васка М.Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*