Новата година беше и помина. Иако кај нас стана веќе традиција новогодишната ноќ да се пречекува како и во светските метрополи, на плоштадите, сепак, голем број наши (со)граѓани највеселата и најдолгата ноќ во годината, во Битола, покрај во рестораните ја пречекаа во своите домови, покрај новогодишните елки и богатата трпеза.
За разлика од славениците на плоштадите, кои мораа да се помират да го слушаат тоа што им го пееја ангажираните музички ѕвезди, луѓето, кои Новата година ја пречекаа во своите домови имаа можност да се веселат и располажат со програмите што за таа прилика им ги приготвија телевизиите.
Како и (нај)големиот број наши сограѓани, и јас оваа година одлучив да славам дома, покрај малиот екран. Со оглед на тоа што, по многу години, ова ми беше прв пат Новата година да ја пречекам дома, најголем дел од времето во новогодишната ноќ го поминав покрај малиот екран, често менувајќи ги каналите. Искрен да бидам си поминав убаво и весело.
Со цел да ни ја направат Новата година што повесела, речиси сите, како домашни, така и странски телевизии, се погрижија за Нова година да подготват богата празнична програма.
Иако за вкусовите, по правило, не се дискутира, слободно можам да кажам дека, македонските телевизии и покрај очигледните напори што ги вложија, сепак најголемиот број од нив, особено оние со национална фреквенција не подготвија некоја програма на која долго ќе се сеќаваме.
Но, во оваа прилика мене не ми е цел да пишувам за “репертоарот“ и новогодишната програма на телевизиите што ни ги сервираа за новогодишната ноќ. Благодарение на сателитот јас одамна “домашни“ телевизии не гледам, освен во исклучителни ситуации, кога тие ни сервисираат “ексклузивни“ (дез)информации кои ги открил некој портал.
Тоа што мене особено ме запрепасти, за време на новогодишната ноќ, е што некои од нашите домашни телевизии со национална фреквенција, без око да им трепне, туѓите програми, кои ни ги презентираа вечерта ги претставија како свои.
Во својата приземност или ароганција, тие отидоа дотаму што, без срам и перде, наредниот ден, по Нова година, на своите екрани излегоа со информација дека нивната програма била најгледана и, според некои “пиплметри“, ја гледале рекорден број гледачи.
Притоа, уредништвото на таа телевизија, зборави да каже дека вечерта на Нова година тие едноставно немаа своја програма, туку ја пренесуваа програмата на српскиот музички телевизиски канал на Саша Поповиќ и Лепа Брена “Гранд телевизија“, која, благодарение токму на “Канал 5“, во последно време, по цел ден е во нашите домови.
Навистина, најблаго речено, непримерно е туѓата телевизиска програма да се претставува како своја, а притоа домашната јавност да се манипулира дека таа телевизија била најгледана за време на новогодишната ноќ.
За жал, од “болеста“ на “Канал 5“, туѓите шоу-програми да ги презентираат како свои, не се имуни ни другите ТВ канали со национална фреквенција, на кои секој ден се (ре)емитуваат програми од нашиот северен сосед.
И кога станува збор за македонските телевизии со национални фреквенции, сметам дека во последно време тие главно се претворија во реемитери на српските програми и емисии, или на турските серии.
И покрај сите напори на Владата да се стимулира продукцијата на македонската музика, филмови и серии, и од година во година да се зголемува процентот на презентирање на македонската музика и високите казни за тие кои нема да се придржуваат до таквите законски одредби, кај нас, главно, телевизиите со национална фреквенција, во последно време, се определија, наместо да создаваат своја програма, да реемитуваат забавни емисии и шоу-програми од српските ТВ канали.
“Српско, а наше“ стана главната девиза не само на музичките менаџери, туку и на музичките уредници во националните телевизии.
Залудно Владата настојува(ше) со стимулирање на домашната продукција да се ослободи од туѓите програми или серии.
Тие, и по усвојувањето на новиот закон, благодарение на нашите концесионери, се најчести гости во нашите домови. Навистина делува фрустрирачки кога на ТВ шоуто “Ѕвездите на Гранд“, кое се емитува на “Канал 5“, членовите на жирито, составено од српски изведувачи, “татковски“ ги советуваат македонските учесници да се претстават со македонски песни. Но тие, како по правило, се обидуваат да ги освојат симпатиите на жирито со песни на Шабан Шаулиќ, Ана Бекута, Аца Лукас, Харис Џиновиќ.
Џабе за нас Македонците сите од поранешните ју простори тврдат дека сме најмузикална и најиграорна нација, која има најдобра музика и фоклор, и дека само во Македонија никој не треба да се фали со пеење и играње, кога нашите пејачи исклучиво се претставуваат со српски песни.
Но, она што е пострашно е што сега телевизиите во Македонија со национална фреквенција, наместо да ги арчат парите што ги добиваат во најголем дел од рекламите на Владата за подготвување на своја сопствена програма и промоција на македонската музика и култура, тие речиси сите до една, без исклучок, се определија исклучиво да (ре)презентираат само српски емисии и шоу-програми, како и турски серии.
Кога имаме таква репертоарска политика, тогаш воопшто не треба да се чудиме што и нашите македонски пејачи на таквите шоу-програми во најголем број случаи себеси се промовираат исполнувајќи српски песни, или песни од поранешните ју простори.
Автор: Менде Младеновски