Познатиот белградски рок бенд „Електрични оргазам“, како и „Бернајс пропаганда“ се главни звезди на фестивалот „Битола отворен град 2016” во организација на Младински културен центар Битола.
Двата бенда утревечер , 25 јуни, ќа настапат на големата сцена под отворено небо на Широк сокак, при што големиот музички хепенинг е отворен и бесплатен за сите посетители.
Легендарната рок атракција „Електрични оргазам“ премиерно настапува во Битола.
Приказната за „Електрични оргазам“ е една од највозбудливите во историјата на рокенролот на Балканот.
Легендата за „Електрични оргазам“, кои имаат 36 години долга дискографија, е приказна за заминување и враќање, одење „до коска“ во посветеноста на рокенролот.
Тоа најдобро го знае Срѓан Гојковиќ – Гиле, лидерот, пејачот, гитаристот и главен автор во бендот.
Пред публиката во Битола ќе се претстават со колекција на најголемите хитови меѓу кои и добро познатите „Златни папагај“, „Како бубањ каже“, „Дебела девојка“, „Бејбе ти ниси ту“ – песни кои одамна важат за есенција на регионалната музичка сцена.
Секогаш револуционерни во својот музички израз, „Бернајс пропаганда” со четири студиски изданија и повеќе стотици концерти, важат за еден од водечките алтернативни бендови од регионот. Групата веќе ги испиша некои од најинтересните страници во современата историја на музичката сцена на Балканот и освои огромен број следбеници во регионот и странство.
Во Битола ќе биде претставен нивниот нов албум „Политика“ објавен во соработка со независната словенечка етикета „Мунли рекордс“. Импозантни се впечатоците и од нивната последна европска турнеја во чии рамки за 30 дена „Бернајс пропаганда” одржа 27 концерти во Србија, Словенија, Италија, Швајцарија, Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Чешка, Словачка и Австрија.