Home / Интервјуа / Кристијан Тимоние: Ќе треба уште време да се заборават сликите од 27 април

Кристијан Тимоние: Ќе треба уште време да се заборават сликите од 27 април

Пред  нешто повеќе од четири месеци, за време  на неговата посета во Битола имавме ексклузивно интервју за Битолски весник со амбасадорот на Република Франција во Република  Македонија, неговата екселенција, Кистијан Тимоние.

Тогаш Република Македонија се наоѓаше во длабока политичка криза, која во интервјуто, амбасадорот Тимоние нагласи  дека може да се реши исклучиво  на деморатски начин и со почитување на Уставот.

Деновиве во амбасадата на Франција повторно имавме интервју со неговата екселенција Кристијан Тимоние, со кого разговаравме на стари и веќе добро познати теми, но и за  новите актуелни состојби кои се случуваа(т) во Македонија по смената на власта.

Битолски весник: Кога во април годинава во Битола го правевме интервјуто со Вас, на прашањето како Македонија да излезе од политичката криза Вие рековте дека најдобар начин за излез од кризата е демократијата. Тогаш многумина не поверуваа дека овде  во Македонија  може да се излезе од политичка криза преку демократијата.

Кристијан Тимоние: Вашата земја повторно се врати на патот на реформите и на регионалната европска и атлантска интеграција. Франција го поздравува таквиот развој на настаните кои се добри и за Македонија и за Европа.

Б.В: Дали  според Вас Македонија излезе од кризата?

К.Т: Разумот надвладеа по сериозниот инцидент кој се случи во Собранието на 27 април. Вечерта, на 27 април, кога се случија инцидентите  јас  бев пред Собранието на Република Македонија. Првото стравување ми беше да не ме  погоди некој камен. Се најдов во момент кога конечно полицијата пристигна, кога група на хулигани фрлаа со камења кон полицијата. Јас се најдов на средина и бев принуден да реагирам на непредвидлив начин, бидејќи не  можев да ја предвидам таа состојба.  Една од учесничките во протестите  во еден момент ме праша што барам јас таму. Пред да ми го постави таа жена тоа прашање и  јас впрочем во себе си го поставив истото прашање. Ама јас не бев внатре во Собранието, туку бев надвор од Собранието, затоа што процедурите за да се влезе во Собранието знаете  се комплицирани. Барем така се чини. Знаете последните денови научивме многу за таа тема.

Б.В: Дали во тој момент се исплашивте за Вашата судбина и за судбината на Македонија.

К.Т: Да. Точно во тој момент, кога ја гледав таа слика  имав стравување за Македонија. Тие моменти јас бев  во постојан  контакт со Кабинетот на нашиот министер. Ја следевме состојбата. За сето тоа што се случуваше го  информиравме и Парис на таа тема и потоа презедовме и други контакти, особено  утредента, бидејќи  вечерта беше многу тешко да се воспостават било какви конткти. Знаете ние како европејци  реагиравме така како што  во тој момент можевме да реагираме. Дури утредента ги воспоставивме сите неопходни политички контакти.

Но морам искрено да ви кажам дека во тој момент сите  меѓународни преставници се запрашаа за солидноста на државата, особено во моментот кога директорот за јавна безбедност не одговараше на повиците на министерот за внатрешни работи. Ќе ви кажам искрено јас таа вечер си го поставив и следното прашање:

Како да се интегрира во ЕУ држава која функционира на ваков начин. Но треба да се оди напред.

Вечерта реагирањето моментално на политички план беше такво какво што беше, но за подобрување на сликата за Македонија ќе биде потребно време. А особено  нели фотографијата со Шекеринска, која го обиколи светот.Македонските политички одговорни лица треба да го имаат тоа на ум. Сосема е нормално нели  да се направи се да го заборави  тоа јавното мислење, зошто треба повторно да се воспостават нормални  текови на работите. Многу е важно за Македонија да се избришат оние слики кои се многу непријатни, а  кои  се случуваа вечерта  во Собранието на 27 април.

Лично мислам дека треба да се понесе индивидуална одговорност поради насилствата кои ја оцрнија сликата на земјата. Им останува сега на партиите од мнозинството и од опозицијата, но и на собраниските и владините одговорни лица да направат дрзавата да функционира според уставните норми за да се даде слика на функционална демократија каде парламентот ке биде место за конструктивни разговори и компромиси. Прашањето на политичката култура е од суштинско значење за реалниот напредок кон европска и атлантска интеграција на земјата.

Б.В:Кога како амбасадор пристигнавте во Македонија рековте дека состојбата  во земјата е блокирана. Како ја оценувате сега политичката состојба во Република Македонија?

К.Т:Постигнувањето согласност околу националниот интерес помеѓу Претседателот и Владата, ставањето крај на опструкциите во Парламентот преку почитувањето на националната волја изразена во текот на изборите, но и правата на една конструктивна опозиција се клучот за трајна стабилизација. Добро е тоа што се успеа да се најде  вистинскиот пат  кризата да се реши во инститционални рамки. Тоа е навистина  најважно, особено по постигнатата согласност помеѓу претседателот на државата и новото мнозинство. По неколку тешки седмици се надеваме дека ќе биде воспоставено нормално функционирање  и на Собранието. Но да не се залажуваме  ќе треба  во  континуитет  сите активности да се спроведуваат.

Б.В: Да се вратиме уште еднаш на интервјуто од април годинава.

Кога ве прашавме кој е рецептот за излез од кризата, вие рековте дека не сте тој кој треба да дава рецепти, но дека Македонија излезот треба да го најде исклучиво  во Уставот. Дали токму барањето излез од безизлезност во кој се најде Македонија беше токму во Уставот?

К.Т:Решението беше најдено во рамки на вашите институции низ конструктивен дијалог помеѓу претседателот и новото мнозинство. Преовладаа чувството за државност и за генерален интерес. Треба да се соработува заедно без реваншизам и без инает.

Б.В: Ваша екселенцијо. Наскоро ќе изминат 100 дена откако со Македонија раководи Владата на премиерот Зоран Заев. Како Вие ја оценувате работата на новата Влада.

К.Т: Новата Влада двојно ги зголеми напорите за да го надополни изгубеното време и за да ја обнови влошената слика на Вашата земја од повеќегодишната постојана криза. Билансот е доста позитивен со возобновувањето на позитивните односи со европските институции и со соседните земји. Европската агенда која што беше усвоена со поддршка од опозицијата дава патоказ за наредните 3, 6 и 9 месеци со јасни перспективи за активностите и на Владата и на администрациите. Затоа што нели за да може понатаму да се размислува за сите оние  работи кои треба да се спроведат, особено реформите  ќе треба да се покаже капацитет дека умееме да воспоставиме и стабилност во рамките на институциите на внатрешно ниво  во земјата. Вие можеби имате впечаток дека е свртена  нова страница, но само тој впечаток треба да го имаат и другите.

Но тоа е исто така и расудување во однос на политичката култура на земјата, а тоа  не може да се реши во стоте дена.

Б.В: Дали сметате дека Македонија е на добар пат да излезе од кризата, или со доаѓањето на локалните избори повторно може да се соочи со политичката криза?

К.Т: Ние со големо внимание ги следиме подготовките за локалните избори, кои ке се одржат на 15 октомври со надеж дека истите ке го потврдат забележаниот напредок од парламентарните избори на 11 декември. Да се има активна локална демократија е од суштинско значење за нов развој во една реална демократија која го слуша гласот на граѓаните за постигнување на економски развој, еднаквост меѓу заедниците и зајакнување на националното единство.

Б.В: Во изминатите месеци откако  дојде до смена на власта во Македонија, Кабинетот на Заев посебно внимание му придава на решавањето на добрососедските односи со соседите. Како Вие гледате на решавањето на меѓусебните односи на Македонија со соседните држави.

К.Т: Негувањето на добрососедски односи покрај историските рани, недовербата или ривалството е многу важно за евроатланската интеграција. Свеста дека национализмот значи војна и спротивно на европската интеграција треба да се спроведе во практика. Берлинскиот процес со своите годишни самити, а посебно последниот одржан во Трст во месец мај годинава, беше воспоставен од Европската унија за да го поттикне и помогне приближувањето на земјите од Западен Балкан. Нашето јавно мислење ке прифати проширување доколку тој елан е реален и видлив. Последниве седмици земјата доби поени одбегнувајќи ескалација на состојбите и преземајки конструктивен пристап во добрососедските односи. Со тоа го зголеми својот кредибилитет во очите на сите. Она што се очекува нели е многу бидејќи и Европа се сочува со тешки  моменти во својата изградба.  Ако нели се одлучиме да примиме нова земја или регион во ЕУ, тоа ќе го направиме ако тие единствено  придонесат со дополнително додадена вредност. Затоа што вие на интеграцијата гледате како решение на вашите внатрешни проблеми, или на решение на проблемите со вашите соседи. Но ние треба на вашето приклучување да не гледаме како на допонително создавање на проблеми.

Треба да се оди напред. треба да се поправи сето тоа  и сето тоа ќе го поправиме заедно. А за да се постигне тоа потребно е време и зајакнување. И не само тоа впрочем прашање со Македонија туку и со другите земји од Западен Балкан, особно кога ги гледаме брзите реакции од страна на одредени држави, на пример и недипломатско раздвижување кое не може да се дешифрира. Сепак се прашуваме дека  сеуште не е постигната своевидна култура на нормите и постапките кои излегуваат надвор од рамките на Македонија.

Б.В: По најавите на Владата дека ќе ги стопли односите со Грција од јужниот сосед доаѓаат сигнали дека  Грција и натаму останува на својот став дека нема влез во НАТО и почеток на преговорите за зачленување во ЕУ без решавање на спорот  со името. Колку ЕУ и пред се Франција може да помогнат во надминувањето на овој децениски  според многумина ирационален проблем и дали САД и ЕУ имаат мок да ја натераат Грција да не го опструира европското интегрирање на Македонија?

К.Т: Токму тој пристап ке овозможи напредок. Треба да се воспостави доверба и долгорочна клима која ќе им овозможи на двете влади да најдат прифатливи решенија кај своето јавно мислење. Не може во 100 дена да се реши прашање кое постои четврт век. Постојат емоции и кај едните и кај другите, но најважно е да постои активна волја за да се оди напред вртејќи им грб на провокациите и на секаков вид на инструментализација поради внатрешно-политички причини. Франција будно го следи напредокот и посакува истиот да се конкретизира во поглед на интересите на двете земји. Секој треба да го има на ум интересот за европска изградба и за регионална стабилност, а принудните решенија со победници и губитници, не се ниту реални, ниту трајни.

Б.В: Ваша екселенцијо. Република Македонија деновиве го потпиша договорот со Бугарија за добрососедски односи. Но овој договор предизвика различни негативни реакции кај дел од македонскиот народ, близок до опозицијата. Како Вие го коментирате овој договор со Бугарија.

К.Т:Договорот меѓу Скопје и Софија беше безрезервно поздравен од страна на Париз. Тоа е прекрасна новост за целиот регион, која е резултат на повекегодишни преговори и одлучувачка вклученост на претседателите на владите. Јавното мислење во двете земји позитивно го прифати договорот. Тој, освен што претставува предност за двете земји, е и дополнителна тула во европската конструкција.

Б.В: Последните денови јавноста во Македонија е доста поделена околу Стратегијата за бегалци, која сака да ја донесе новата влада. Како Вие гледате на таа Стратегија и дали Македонија може да се соочи со бегалската криза, која наводно ќе ја смени демографската карта во земјата.

К.Т:Македонија храбро и ефикасно се соочи со таа криза за која ние ѝ ја дадовме целата наша поддршка. Прашањето на бегалците во иднина не треба да биде предмет на политичка манипулација затоа што истата е премногу сериозна. Освен хуманитарната потреба за која државата треба да се подготви, за мене е сосема очигледно дека во Македонија не постојат објективни услови за прифакање и подолга интеграција на населенија кои се во потрага по подобри услови за живот. Се воспоставуваат европски механизми заедно со организацијата Фронтекс. Соработката со Македонија е од суштинско значење за нас и ние уште од сега ѝ  помагаме на земјата да може да ја гарантира својата безбедност и да учествува во безбедноста на Европа. Нашата соработка во таа област служи за пример. Треба да се земат во предвид и хуманитарната димензија и безбедноста; треба заеднички и солидарно да дејствуваме. Доколку Европа дејствува ефикасно во Африка и на Средниот Исток, ќе може да се справи со тој феномен.

Б.В: Вие како претставник на Република Франција имате мошне добро искуство кога е во прашање помирувањето на народите, како што тоа го направија  Франција и Германија. Но кај нас обично помирувањата тешко  успеваат и по секој апел за помирување се  отвораат стари рани од минатото, кои доведуваат до нови кавги и поделби. Кој е “рецептот” да се дојде до вистинско помирување на  Македонците и другите народи кои живеат во Македонија, како и на  земјите од Регионот?

К.Т:Не постои рецепт. Граѓаните треба сами да одлучуваат за својата судбина отфрлајќи ги вештачките поделби, а гледајќи го својот колективен интерес. Клиентелистичкиот систем, националистичките размислувања и конфискацијата на генералниот интерес од страна на партиите или на поединци секогаш претставуваат закана. Истата ќе може да биде надмината само доколку се појави нова политичка култура во регионот. Неа ке ја помогнеме и во Македонија, но и во целиот регион, како што впрочем му напиша претседателот Макрон на својот македонски колега Иванов, дека европската изградба нема да биде завршена без вклученост на регионот. Да ги засукаме ракавите наесен зашто ни претстои уште многу работа.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*